Од понеделник драстични мерки во Германија

од Stefanija Kuzmanovska

Драстичните мерки со кои германската влада сака да го сузбие ширењето на епидемијата на коронавирус стапуваат на сила од понеделник и ќе важат до крајот на ноември, што предизвика бурни реакции од граѓаните.

Тие веќе ја обвинуваат канцеларката Ангела Меркел за „корона-диктатура“, а протестите кои со месеци избиваат низ цела Германија се дополнително засилени со најавеното ограничување на секојдневниот живот, пренесе Дојче веле (ДВ).

Канцеларката рече дека владата е свесна дека бара многу од народот, но дека мора да дејствува сега.

„Нашиот здравствен систем денес може да се справи со овој предизвик. Но, ако ова темпо продолжи, ќе ја достигнеме границата за неколку недели. Затоа се неопходни овие остри мерки“, рече Меркел.

Целта е да се намали бројот на нови инфекции до Божиќ, додека економијата функционира, а училиштата и градинките остануваат отворени.

Само членовите на едно домаќинство или заедно со уште едно домаќинство, најмногу до десет лица, ќе биде дозволено да седат заедно на јавни места, пишува ДВ.

Сите настани што служат за забава или разонода ќе бидат забранети. Театри, опери, концертни сали, кина – ќе бидат затворени до крајот на ноември.

Забрането е да се помине ноќ во хотели, мотели, пансиони или приватни станови – освен ако не станува збор за неопходно патување, како на пример за работа.

„Ги повикуваме граѓаните да се воздржат од патувања и посети на роднини“, наведе Ангела Меркел.

Се затвораат и барови, ресторани, фитнес студија и сите видови јавни базени, салони за убавина, салони за масажа, салони за тетовирање и сè што е поврзано со нега на тело.

Медицински неопходните третмани сè уште ќе бидат можни.

Од компаниите се бара да дозволат работа од дома секогаш кога е можно.

Слични содржини