Со посебна чест и почит, денеска, на денот кога ако беше жив ќе наполнеше 66 години, говорев за трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и положив цвеќе пред неговиот споменик, информира градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Градоначалникот истакна дека Трајковски беше на рамништето на најистакнатите архитекти и неимари на мирот во европски и светски рамки, но и олицетворение на политичката мудрост.
-Беше исклучително редок поклоник и поддржувач на постулатите на дијалог, доверба, разбирање, соработка и толеранција, но и иницијатор за изнаоѓање на разрешници дури и за најгорливите прашања кои ги тиштат македонските граѓани. До самиот крај на неговиот живот беше на страната на вистината, па во името на таа вистина го градеше својот политички став, ставајќи се и самиот себе како влог и гаранција за негова безрезервна одбрана. Силната верба во татковината најчесто ја поткрепуваше со вербата во човековата вредност, без разлика на националната, политичката и верската припадност. Нека му се вечни споменот и славата, порача Костадинов од пред споменикот на Трајковски.