Официјално: Јанг го замени Манчестер Јунајтед со Интер

од Aleksandar Petrovski

Англискиот фудбалер Ешли Јанг официјално стана играч на италијански Интер. Ова го објавија „нероазурите“ на својата официјална веб-страница и на социјалните мрежи. Тој потпиша шестмесечен договор, кој може да биде продолжен во текот на летото.

Според извештаите на медиумите во Италија и Англија, износот на трансферот што го добил Манчестер Јунајтед за Јанг е 1,5 милиони евра. Фудбалерот се раздели со англискиот клуб, каде мина осум и пол години. Тој освои 5 трофеи со „црвените ѓаволи“.

Деновиве, менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер објасни зошто клубот го пушта ветеранот во Милано.

– Тој ќе наполни 35 години во лето, и ако може некаде да добие двегодишен договор, мислам дека мора да прифати. Не бевме подготвени да му го понудиме тоа. Тој му служеше добро на клубот. Тој беше капитен, освои трофеи, но имаме и други играчи, рече Норвежанецот, цитиран од Би-Би-Си.

Слични содржини