Општата расправа по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година продолжува утре

од Radmila Tasevska

Собранието во рамки на денешното продолжение на 135. седница попладнево втор ден расправаше по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година. За опозицијата тоа е напумпан, гломазен и неразвоен буџет, кој како што кажаа не носи развој, туку криминал и корупција. За владејачкото мнозинство, пак, е реален, развоен и ќе обезбеди одржлив економски раст. Расправата ќе продолжи утре во 11 часот.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петковска истакна дека ова не е предлог-буџет за 2024 година, туку е предлог-буџет до избори.

-Ако Владата вистински ги планирала овие суми, буџетскиот дефицит ќе изнесуваше 717 милиони евра, ама па тоа не е популарно за оние кои ни позајмуваат пари и затоа освен граѓаните, Владата ги лаже и кредиторите. Ова е напумпан и неразвоен буџет, кој не носи развој, туку носи криминал и корупција. Државниот буџет мора да се користи за финансирање на развојот на земјата, но тука кај нас парите завршуваат за непродуктивни цели или за чист популизам. Наместо додадена вредност, парите се трошат за работи од кои корист имаат поединци, рече Петковска.

Потенцира дека ниту овој буџет, како и тие претходно, нема врска со реалната состојба во државата.

-Наместо поскромен буџет, кој конечно ќе се фокусира на стабилизација на јавните финансии, на поддршка на приватниот сектор, на реформи во образованието, здравството, правосудството, повторно пред нас имаме мегаломански буџет кој ниту е реален, ниту одговара на моменталните кризи. Таква е перцепцијата кај граѓаните и учесниците во финансиските текови, како и кај сите реномирани и кредибилни меѓународни институции во чии извештаи се нотира дека имаме огромна стагнација, уназадување во економијата и животниот стандард, сиромаштија, уништено стопанство, банкротирана држава. И овој буџет е незаконски, гломазен и неразвоен, рече таа.

Пратеничката на СДСМ, Лолита Ристова нагласи дека актуелната Влада континуирано работи на проекти за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

-Ако говориме за континуитет во инфраструктурни проекти, мора да знаете дека оваа Влада предводена од СДСМ во континуитет од 2017 до 2023 година континуирано и со ефекти покажува на терен и дека тоа е така ќе ви покажам со конкретни проекти – реконструкција на патен правец Неготино – Глишиќ – Кавадарци, рехабилитација на патниот правец Неготино – Дуброво – Војшанци. Во континуитет се случуваа инвестиции во делот на подобрување на образовната инфраструктура. Во континуитет се случуваат активности за изградба на нова детска градинка. Тоа е ефект од работењето на оваа централна власт. Сето тоа се активности кои токму оваа власт ги прави континуирано, рече Ристова.

Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари, за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 45,2 милијарди денари. Се очекува раст на бројот на вработени од два процента. За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.

Како што истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на првиот ден од општата расправа, најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4 проценти, пред се, како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата на коридорите 8 и 10, придружени со мерките и активностите за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст.

Се очекува понатамошен раст на потрошувачката, при раст и на приватната и на јавната потрошувачка. Приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,1 процент во 2024 година, во услови на намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и одржување на солидно ниво на дознаките од странство. Се очекува умерен раст на јавната потрошувачка од еден процент.

До крајот на годинава се очекува натамошно намалување на инфлацијата и таа во просек да изнесува 9,2 проценти, а следната година да се стабилизира на 3,6 проценти во услови на одржување стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.

Проектираниот дефицит за 2024 година во износ од 33,5 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 45 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 26,4 милијарди денари и домашен долг во износ од 18,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Слични содржини