Унгарскиот премиер, Виктор Орбан денес ја предупреди Украина дека може да го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку Киев не го продолжи транзитот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“.
Орбан напиша на платформата „X“ дека, сè додека украинскиот претседател Володимир Зеленски не го одобри продолжувањето на испораките преку „Дружба“, не треба да очекува никаква поддршка од Унгарија.
Орбан му порача на американскиот претседател Доналд Трамп дека е одговорен за унгарскиот народ и за Унгарија.
„Ако некој им наштети, моја должност е да ги бранам. Исто ќе биде и сега“, рече Орбан.
Словачкиот премиер Роберт Фицо денес изјави дека ќе побара од сите релевантни компании што произведуваат електрична енергија во таа земја да го прекинат снабдувањето со електрична енергија за Украина, доколку Киев не го продолжи снабдувањето со нафта до понеделник.
„Претседателот на Украина (Володимир Зеленски) одбива да го разбере нашиот мировен пристап и, бидејќи не ја поддржуваме војната, тој дејствува злонамерно кон Словачка. Прво го запре протокот на гас кон Словачка, предизвикувајќи ни штета од 500 милиони евра годишно. Сега го запре протокот на нафта, предизвикувајќи ни дополнителни загуби и логистички тешкотии“, напиша Фицо на својот профил на мрежата „X“.
Претходно оваа недела, словачката влада прогласи вонредна состојба во нафтената индустрија поради прекинот на испораките преку нафтоводот „Дружба“ и одлучи да позајми до 250.000 тони нафта од државните резерви за рафинеријата „Словнафт“ во Братислава.