Оштетените штедачи од Еуростандард: Од криминалните случаи во банката можат да научат и светски бандити како се крадат депозити

од Nikola Popovski

„Од криминалните случаи во Еуростандард банка можат да научат и светски криминални бандити како се крадат депозити од банка. Тие можат и да им позавидат на нашиве банкарски бандити и воедно нивни колеги кои покрадоа речиси 60 милиони евра од нас обичните граѓани и фирми, а кои сеуште шетаат наоколу неказнето, слободно живеат и уживаат со нашите пари и по потреба глумат жртви и невини личности. Навистина, за сторениот организиран криминал преку масовен грабеж на депозити спроведен од Трифун и Коста Костовски и директорот на банката назначен од нив Николче Петкоски, може да се учи и проучува и на врвните светски криминалистички школи“, истакнаа од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банката преку соопштение.

Според нив, „наместо да го запре и спречи мегаломанскиот криминален зафат од стотици ненаплатливи високоризични кредити од десетици милиони евра делени и поделени со јавно познати и непознати сопственици и управители од избрани фирми, гувернерката Бежоска молчеше“.

„Во овој добро осмислен, организиран и реализиран грабеж учествуваа сите оние 149 фирми наведени во извештајот за Еуростандард банка на стечајниот управник Душко Тодевски. Сите тие сопственици и управители на фирми добро знаеле за криминалот бидејќи очигледно и лично учествувале и биле вградени во распределба на пленот. За тоа дали завршиле нашите пари кај овие наведени фирми и биле извадени и поделени во готово или пак продолжиле да се трансферираат понатаму на други банкарски сметки, може лесно да се увиди и утврди и од операторот на платен промет во земјава КИБС, системот каде што се трасираат и каде постојат записи од сите трансакции направени во земјава.

Арафат Муареми, директорот на Управата за финансиска полиција, неодамна на телевизиско интервју на ТВ24 обзнани дека во позадина на овие фирми од извештајот за банката постои поголема мрежа и од други фирми каде се трансферирале нашите пари во вид на краткорочни „позајмици“, со голема веројатност таквите трансфери да помогнат и да се сокрие трагата на парите. Дека „позајмици“ се делеле преку некои од наведените фирми јавно потврди и поранешниот директор на банката Николче Петкоски, еден од водечките криминални бандити од ограбената банка, кој одобрил и дал кредит од 1,2 милиони евра на фирмата на својот вујко. Таа фирма, за која веќе пишувавме, така земените пари никогаш не ги ни вратила во банката, наводно очекувајќи да ги добие назад од така поделените „позајмици“ на други фирми.

Уште пред неколку години, кога се констатирале сите овие злоупотреби и проневери во банката од делење на високоризични и непокриени кредити до перење пари и други приноси од казниво дело, гувернерката Бежоска знаела, можела, но не вовела административна управа за да го сопре криминалот и да ги спаси нашите депозити од понатамошно крадење. Уште тогаш можела да ја вклучи и Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам поради индициите за ваквите активности спроведени од раководството на банката, но и тоа не било направено.

За крај на ова запознавање на јавноста, да напомене дека организираниот криминалот во Еуростандард банка не се симнал самостојно од небо. По се изгледа истиот бил преземен од една друга голема банка во нејзино соседство. Има и такви примери кои наведуваат на тоа. Вистината мора да исплива на површина, крадците и криминалците да одговараат, а нашите украдени пари да ни се вратат во целост. Продолжуваме понатаму“, порачуваат од здружението Оштетени штедачи.

Слични содржини