„Ова е историска одлука“: Бајден потпиша план за спас на Америка

од Берта Китинска

Американскиот претседател Џо Бајден потпиша во Белата куќа одлука за спроведување на планот за финансиско закрепнување на американските граѓани од пандемијата вреден 1.900 милијарди долари, што беше одобрен на вчерашната седница на Претставничкиот дом.

Иако портпаролката на Белата куќа, по вчерашното усвојување на планот во Претставничкиот дом, изјави дека Бајден ќе го потпише планот во петок, американскиот претседател одлучи да одобри значаен финансиски пакет ден претходно, на годишнината од првото заклучување на коронавирус во САД.

„Сакавме да ја потпишеме оваа одлука што е можно поскоро“, рече Рон Клајн, член на тимот на Бајден.

Пред потпишувањето на одлуката, со која ќе се одобри пакетот помош, Бајден ја истакна суштината на овој финансиски план.

„Верувам дека ова е историска одлука со која ќе се опорави столбот на оваа земја. Финансиската помош ќе им даде на работниците и на средната американска класа шанса за финансиско закрепнување. Тоа е суштината на оваа одлука. Ќе зборувам повеќе за ова во наредните денови “, рече Бајден пред да ја потпише одлуката.

Пакетот помош, вреден 1.900 милијарди долари, ќе вклучува неколку делови. Околу 400 милијарди долари ќе бидат издвоени за директна помош на граѓаните од 1.400 долари месечно, а повеќе од 350 милијарди долари ќе бидат наменети за помош на локалните власти.

Финансискиот пакет ќе обезбеди 130 милијарди долари за повторно отворање на училиштата, 49 милијарди долари за проширени можности за тестирање на населението за коронавирус и 14 милијарди долари за дистрибуција на вакцини во САД.

Пакетот, кој вклучува финансиска помош за населението, беше усвоен вчера за време на сесијата на Претставничкиот дом на САД. За усвојување на пакетот гласаа 220 пратеници, додека 211 беа против.

Слични содржини