Пендаровски: Божиќ нѐ потсетува дека мирот, радоста и дарувањето се наши најголеми вредности

од Nikola Popovski
236 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божик, упати честитка до сите граѓани кои го прославуваат денот на христовото раѓање, до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.

-Имам особено задоволство и чест да ви го честитам големиот христијански празник – Божик и да ви посакам празникот на Христовото Раѓање да го поминете пред сѐ во добро здравје, во радост и во среќа, истакнува Пендаровски во писмото.

Според него, празникот на Христовото Раѓање, Божик, нѐ потсетува дека мирот и радоста, љубовта и заедништвото, разбирањето и дарувањето се наши најголеми вредности.

-Да продолжиме безрезервно да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните, градејќи хармонија во домот, заедницата и во целото општество. Нека големиот празник нѝ даде дополнителна енергија да се соочиме со сите неволји и искушенија и нека нѐ инспирира на благородност, добродетелство, солидарност и заедништво. Со искрена верба и со длабока самодоверба да креираме успех и благосостојба, напиша Пендаровски.