Пендаровски се обрати на свечениот предновогодишен прием на КОВЗРГ

од Vladimir Zorba

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на свечениот предновогодишен прием што за црквите, верските заедници и религиозни групи го приреди Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

„Имаме криза на доверба во институциите, имаме недоверба меѓу луѓето. Сведоци сме на војни што се водат меѓу народи со различни религии, но, и меѓу народи со иста религија. Совеста на светот е натежната од страдањата на неброени цивилни  жртви, на немоќни старци, нејаки жени и деца. Главна специфика на кризното време е стравот, многу повеќе од надежта.

Во етимолошка смисла, зборот криза значи пресвртна точка или носење суд. Кризен е оној момент кога под прашање се става сѐ она што се случувало во минатото и кога се носат егзистенцијални одлуки за иднината. Но, ако кризата не се разреши, таа прераснува во агонија што е продолжено измачување на системот.

Кај нас, во Македонија, агонијата има и свое име. Зборот што најчесто го употребуваат македонските граѓани за да ја опишат состојбата во која се наоѓаат е – безнадежност. Зошто токму безнадежност?

Неодамна, Македонскиот центар за меѓународна соработка ги објави резултатите од истражувањето на јавното мислење, според кое, најголемиот проблем во државата е корупцијата која е еден од главните генератори на сиромаштијата, на социјалната неправда и иселувањето. Имајќи предвид дека македонското општество е високо религиозно, не треба да нè изненади тоа што за 84% од македонските граѓани главниот фактор за ширењето на корупцијата е длабоката морална криза во општеството. Меѓутоа, непријатно изненадува податокот дека наспроти фактот што девет од десет граѓани се декларираат заверници, сепак, секој четврти граѓанин годинава учествувал во некаква коруптивна трансакција на пари, врски или влијание.

Прашањето за секој еден од нас е како да излеземе од агонијата на безнадежноста и како повторно да ја вратиме надежта во македонското општество“.

Слични содржини