Пендаровски со честитка: Македонскиот јазик е гранка од стеблото засадено од Св. Кирил и Методиј и нивните ученици

од Nikola Popovski

Денеска, ние во Република Северна Македонија, заедно со другите народи од словенското говорно подрачје, го празнуваме делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Св. Кирил вели дека „без книга сите народи се голи“ и подложни на асимилација и исчезнување. Создавајќи ја првата пишана словенска азбука – глаголицата и преведувајќи го Светото писмо и другите црковни и световни текстови на старословенски јазик, светите браќа отворија нови просветни, духовни и културни видици за словенските народи во Европа. Со тоа Св. Кирил и Методиј на словенските народи им го дадоа клучот за самоидентификација и самоопределување низ вековите. Бранејќи го фундаменталното право на словенските народи на свој јазик и писменост, Св. Кирил и Методиј се изборија и за достоинството на различноста како суштинска европска вредност, се вели во честитката на претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Според него, македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото засадено од Св. Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Св. Климент и Св. Наум Охридски.

„Какви плодови ќе береме зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло. Тоа е наша должност кон претходните и идните генерации но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор. Нека ни е за многу години 24 мај – Денот на сесловенските просветители!“, истакнува претседателот.

Тој заедно со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј во Рим, откако тоа не го сторија минатата година поради влошената состојба со пандемијата на Ковид-19.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, двете делегации ќе отпатуваат заедно во Италијанската Република на 26 мај, а на 27 мај претседателите Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век Папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од Светите браќа Кирил и Методиј.

Слични содржини