Петровска: Случувањата кај претседателот се резултат на телеграмата на Чулев

од Aleksandar Todeski
421 прегледи

Случувањата со обезбедувањето кај претседателот Стево Пендаровски утрово се резултат на телеграмата која техничкиот министер Наќе Чулев ја испрати за укинување на прераспределбите кои ги имаше направено претходниот министер, актуелен технички премиер Оливер Спасовски, вели во изјава за Локално дополнителната заменик министерка во МВР, Славјанка Петровска.

„Се работи за лица кои добиле решение за прераспределба на други работни позиции во Министерството за внатрешни работи, а кои по телеграмата на министерот Чулев се вратиле на старите работни места“, рече Петровска појаснувајќи дека така кај претседателот Пендаровски утрово имало повеќе обебедување отколку што треба да има.

Заменик министерката истакна дека разговарала со министерот Чулев и дека двајцата биле согласни дека Министерството за внатрешни работи има други приоритети. Разговарале и за кривичната пријава која Петровска ја подготвува против него, откако Чулев донесе низа скандалозни решенија, како што е укинувањето на прераспределбите и барањето да се вратат возила во МВР и се согласиле дека треба да продолжат заедно да работат за доброто на граѓаните.

Како што претходно објавивме, утрово кај претседателот Стево Пендаровски освен лицата кои МВР ги има распределено како негово обезбедување дошле и вработени во Министерството кои биле обезбедување на експретседателот Ѓорге Иванов, а кои по завршувањето на неговиот мандат биле прераспределени на други работни места.

Чулев испрати и телеграма со која побара возила кои се дадени на користење кај претседателот Пендарвоски, техничкиот премиер Спасовски и директорот на БЈБ, Сашо Тасевски да бидат вратени, хаос кој исто така направи нецелосна функционалност во обезбедувањето на Спасовски и Пендаровски.

Александар Тодески

Слични содржини