По Тејлор Свифт, и Бијонсе доби личен новинар: Се знае и колкава ќе му биде платата

од Vladimir Zorba

По огласот за работа за репортер за покривање на турнејата на Тејлор Свифт, најголемиот американски синџир весници Gannett објави нова позиција – „хроничар на музиката, модата, културното и економското влијание на Бијонсе“.

Покрај тоа што генерираат луди нивоа на ентузијазам кај фановите, двете американски суперѕвезди имаат и голема моќ над американската економија. Тоа е затоа што еден типичен обожавател на Тејлор Свифт троши 1.500 американски долари за да присуствува на нејзиниот концерт, вклучувајќи ги трошоците за билети, хотели, летови и храна.

Се проценува дека фановите на Бијонсе ќе потрошат уште повеќе за време на нејзината турнеја – околу 1.800 долари за вкупното искуство.

Севкупно, нивната кампања се чини дека го зголеми американскиот бруто домашен производ во третиот квартал за 5,4 милијарди американски долари. Тоа го забележуваат и креаторите на политиката, економистите во големите банки и коментаторите на финансискиот пазар, пишува Блумберг.

Двете нови работни места нудат слични плати и бенефиции. Новинарите ќе заработуваат меѓу 21,63 и 50,87 долари на час. Тоа се околу 100.000 долари годишно, ако се претпостави 40-часовна работна недела.

Можеби најголемата предност на овие две работни места: новинарите ќе мора да патуваат во странство додека ги следат ѕвездите на нивната турнеја.

„Нашата улога е да ги следиме оние кои влијаат на нашето општество, влијаат врз животите и создаваат позитивни промени“, рече директорката на Gannett Content Кристин Робертс во изјавата.

Потенцијалните кандидати сепак ќе треба да направат избор – Свифт или Бијонсе.

– Имаме две отворени позиции. По еден за секој уметник – изјави портпаролот на Gannett.

Слични содржини