Побарувачката за електрични возила не ги следи инвестициите

од Vladimir Zorba

И покрај вложените милијарди, интересот за електрични возила не ги исполни очекувањата.

Затоа многубројните производители „закочија“ и ги забавија инвестициите. Иако продажбата на електрични возила со батерии постојано се зголемува, милијардите долари инвестирани од речиси сите големи производители можеби нема да го дадат очекуваниот принос.

Некои експерти се загрижени дека побарувачката за електрични возила не се совпаѓа со износот на инвестиции од страна на производителите на автомобили, истакнува Carscoops. Во Америка високите каматни стапки ги загрижуваат сите, индустриските аналитичари, но и извршниот директор на Tesla, Елон Маск.

„Загрижен сум поради опкружувањето со високи каматни стапки во кое се наоѓаме“, рече Маск. „Ако каматните стапки останат високи или ако бидат уште повисоки, на луѓето ќе им биде многу потешко да купат автомобил“.

Tesla затоа објави дека ги забавува плановите во врска со мексиканската фабрика. Honda и General Motors се повлекоа од заедничкиот напор за развој во вредност од 5 милијарди долари, чија цел е создавање електричен теренец со прифатлива цена.

Слично реагираше и Ford, кој го намали темпото на производство на моделот F-150 Lightning од три на две смени. Од другата страна на езерцето, во Европа, Volkswagen веќе го прекина производството, а одлуката за нова гигафабрика ја стави во мирување.

Јапонскиот производител на мотори NIDEC сега очекува загуба од 15 милијарди јени (100 милиони долари) во текот на целата година во својата основна дејност со е-оска, наместо профитот што го оствари претходно. Производството на е-оски ги комбинира моторите, запчаниците и електрониката за контрола на моќноста.

Помал интерес и поевтини суровини

Кина, која забележа огромна побарувачка од Европа за своите евтини електрични возила, не го прави истото дома. Кинескиот производител на батерии CATL го објави својот најслаб трет квартал од годината, наведувајќи за причина падот на побарувачката и зголемената конкуренција.

Според извештајот на Ројтерс, цените на литиумот паднале за 67 отсто, додека цените на кобалтот паднале за 20 отсто во 2023 година, што е преполовено од мај 2022 година.

Конкретните податоци велат дека во третиот квартал од 2023 година, испораките на електрични возила во САД надминале 300.000 за прв пат во историјата. Продажбата на електрични возила е зголемена и во ЕУ за 14,3 отсто и за 22 отсто во Кина.

Сето ова очигледно не е доволно за да се оправдаат огромните инвестиции и да се исполнат очекувањата.

Слични содржини