Почна производството на „Спутник V“ во Србија: Вучиќ и Путин го означија почетокот (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Производството на руската вакцина „Спутник V“ штотуку започна во Србија, во институтот „Торлак“ во Белград. Почетокот на процесот го официјализираа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателите на Русија и Аргентина, Владимир Путин и Алберто Фернандез преку видео врска.

Производството на руската вакцина започна и во Аргентина.

Вучиќ претходно изјави дека Србија ќе понуди руски вакцини на сите земји во регионот, Европа и светот.

„Благодарение на претседателот Путин, успеавме да ја завршиме оваа работа, продолжуваме слично со кинеските пријатели и како последна фаза, ќе ја градиме нашата фабрика, целосно нова, која нема да биде далеку од белградскиот аеродром“, рече Вучиќ дека тоа е исклучително важно за фармацевтскиот и здравствениот систем на Србија, што дополнително ќе се зајакне.

Министерот во Владата на Србија задолжен за иновации и технолошки развој, Ненад Поповиќ, претходно изјави дека во првиот период од четири до шест месеци ќе бидат произведени четири милиони вакцини „Спутник V“.

Авион со компоненти за руската вакцина слета во Белград во четвртокот вечерта. Се очекува првата вакцина од „Торлак“ да стигне до пунктот на вакцинација за 10 дена, пренесува Танјуг.

На 19 мај, Рускиот национален институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ го потврди квалитетот на вакцината произведена во „Торлак“ и го одобри производството на вакцината „Спутник V“ во иднина во овој српски институт.

Слични содржини