Поенти референдум: Членството во НАТО и ЕУ ќе овозможи нови инвестиции и нови работни места

од desk4

  Членството во НАТО и ЕУ ќе овозможи нови инвестиции кои ќе отворат нови работни места. Заедно ќе го запреме трендот на иселување. Младите нема веќе да сонуват да се иселат надвор од Македонија. Нема да ја бараат Европа надвор од границитe. Европа ќе стане наш дом, а европските стандарди наше секојдневие, порачаа вчера поддржувачите на референдумот.

Со почетокот на преговорите, а потоа и со членството во ЕУ, како што посочи пратеникот Александар Кирацовски од СДСМ, младите од Македонија ќе бидат рамноправни со своите врсници од Европа.

– Ќе имаат полесен пристап до стипендии и школарини, можности за пракса, обука и специјализации   во земјите на ЕУ, слободно патување, дружба и размена на искуства и знаење од развиените држави се само дел од придобивките со членството во ЕУ. За младите претприемачи тоа значи и слободен пристап на пазар од 500 милиони потрошувачи, додека за младинските организации значи и поголема соработка и креирање на квалитетни младински политики, истакна вчера Крацовски.

Младите во Македонија, како што вели тој, ги препознаваат придобивките од членството во ЕУ и НАТО и затоа се силно определени ЗА европска Македонија.

Високите стапки на невработеноста, како што истакнуваат поддржувачите на референдумот, полека, но сигурно стануваат минато.

Во првото полугодие во 2018 се реализирале 10.000 нови вработувања на наши граѓани што дополнително го забрзува растот. Просечната плата бележи постојан пораст. Во месец јуни 2018 исплатена е за 6,1 процент повисока просечна плата во споредба со истиот период лани. Со порастот на платите, како што истакнуваат поддржувачите на референдумското „за“,  повеќе пари се слеваат во семејните буџети на граѓаните.

Министерот за финансии Драган Тевдовски на вчерашната средба со граѓаните и стопанствениците во Демир Хисар посочи дека со влезот во ЕУ и НАТО платите ќе одат во нагорна линија.

– Ја зголемивме минималната плата на 12 илјади денари. Ги зголемивме платите за пет проценти во образованието и здравството. За 10 проценти се зголеми платата на припадниците на АРМ. Направивме целосна системска реформа за социјална и детска заштита која треба да ги извлече граѓаните од сиромаштија. Со влезот во ЕУ и НАТО животниот стандард значително ќе се подобри. Ќе се обезбедат поголеми фондови за патишта, за образование, за болници, порача Тевдовски.

За споредба во Бугарија просечнатa плата порасна двојно по влезот во ЕУ и НАТО, а невработеноста се намали од 17 отсто на пет отсто. Во Романија пак, просечната плата порасна за 400 отсто, а невработноста се намали од 15 отсто на четири отсто, а во Хрватска вработеноста кај младите се зголеми од 26 отсто на 43 отсто.

Кај нас, како што посочуваат поддржувачите на референдумот, перспективите од ЕУ и НАТО веќе се чувствуваат.

Според нив, во првото полугодие на тековната 2018 после поканата за членство во НАТО Алијансата и напредокот на преговорите во ЕУ, Македонија има забележано рекорден прилив на странски директни инвестиции во висина од 327 милиони евра, што е три пати поголем прилив од истиот период лани. Намалена е стапката на невработеноста на 21,1 отсто, што е историски најниско ниво досега.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на вчерашната средба со земјоделци од Старо Нагоричане истакна дека со нашето членство во НАТО и ЕУ, ќе се зголеми финансиската поддршка од европските фондови за младите земјоделци кои сакаат да започнат свој агробизнис.

– Младите се нашата иднина, тие кои треба да бидат двигател на македонското земјоделство, затоа сме фокусирани на воведување мерки кои ќе ги мотивираат младите земјоделци да започнат сопствен агробизнис, а на тој начин ќе влијаме врз зголемување на вработеноста во руралните средини, порача Николовски.

Тој ги информираше земјоделците за критерумите за новиот јавен повик за финансиска поддршка од неповратни 10.000 евра за младите земјоделци.

Поддржувачите на референдумот посочуваат дека со посветен пристап во спроведувањето на политиките, со членство на државата во ЕУ и НАТО невработеноста забрзано ќе опаѓа, а платите уште повеќе ќе растат. Тоа, како што велат тие, се силни причини за младите да останат во Македонија.

Слични содржини