Пофалби за „Медена земја“ во српските медиуми и редовни кино проекции во Белград

од Aleksandar Petrovski
327 прегледи

Пред утрешното доделување на престижните Оскари, српските медиуми пишуваат за големиот успех со номинацијата на македонскиот документарен филм „Медена земја.“

Како што јави дописникот на МИА од Белград, „Телеграф“ во најавата за доделувањето на Оскарите, пишува дека „ова е приказна за една неверојатна жена, со груба надворешност и изненадувачка нежност“.

Белградскиот весник „Данас“ излезе со најава и коментар дека „во недела, на 9 февруари, кога целиот свет со нетрпение го очекува 92-то доделувањето на Оскарите, филмот „Медена земја“, што е номиниран во две категории за оваа најпрестижна филмска награда, за најдобар документарен и за најдобар странски филм, ќе почне да се емитува на редовниот кино репертоар во Белградскиот културен центар во сите три термини (17, 19 и 21 часот)

-Белградската публика ќе има единствена можност во возбудлива атмосфера на големото платно да го види ова ремек-дело, победникот на Санденс, македонското достигнување кое влезе во историјата како прв филм номиниран за Оскар и како најдобар странски филм и како документарен филм, пишуваат медиумите во Србија.

„Земјата на медот нè носи на живописните височини на една од македонските планини и во светот на исконските вредности на односот помеѓу човекот и природата. Атиџе, последната пчеларка во Европа мора да ги зачува своите пчели и да ја врати природната рамнотежа во Медената земја“ , објави ТВ Н1.

И на социјалните мрежи, повеќе српски филмаџии ја препорачуваат „Медена земја“ како фасцинантно снимен и многу емотивен филм, меѓу другото и како првиот македонски филм кој ќе влезе во историјата, бидејќи е номиниран во две категории за Оскар.

Слични содржини