Полни контејнери и смрдеа во Тетово, Касами се жали дека нема работници

од Radmila Tasevska

Полни контејнери и уште толкава количина на смет оставен покрај нив периодов е честа слика по тетовските улици, па жителите алармираат на неподносливата миризба и опасности по здравјето. Овие поплаки дојдоа и до градоначалникот, кој оваа недела ги слушна големиот број прашања на советниците токму на оваа тема-кога и каде ќе се среди долготрајното и повеќе часовно стоење на сметот низ градот.

Градоначалникот Биљал Касами за основата на проблемот како и досега, ги обвинува претходните раководства, а решението го има само како најава. Вели дека поради долговите на општината не може да се вработат дополнителен број луѓе кои ќе го собираат сметот.

-За жал тоа што создавале нашите претходници во општина, и продолжува да биде тренд, да има работници да земат плати и да седат дома, не ни овозможува да најдеме работници да работат со овие плати во претпријатието. Во неколку сектори во општина имаме потреба за работници за комунални дејности, за урбанизам, инженери и инспекторатот. Сите тие работници кои се моментално, не се доволни и не се мотивирани, рече Биљал Касами.

Според него, решение е во ново јавно претпријатие кое ќе занимава само со справување со смет. Ова е постара најава чија реализација повеќе пати се најавува

-Поради ситуацијата со која се соочува претпријатието ние сме почнале со постапката за сериозна реконструкција, со основањето на две нови претпријатија, за снабдување со вода и за менаџирање на отпадоците. Во меѓувреме треба да се објави тендерот за избор на приватен партнер кој ќе оперира во менаџирање со отпадоците. Сум убеден дека еднаш засекогаш за менаџирање на отпадоците ќе биде решено, истакна Касами пред советниците.

Докторот Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје, со специјалност по здравствена екологија и хигиена го повторува предупредувањето дека оставањето смет значи потенцијална опасност по здравјето на граѓаните.

– Самата непријатна миризба ја загрозува социјалната благосостојба, тоа е основен постулат на Светска здравствена организација. Покрај тоа, отпадот што е биоразградлив на ова топло време развива бактерии и така претставуваат ризик по јавното здравје поради опасност од појава на бактериски зарази, изјави Давидоски.

Според Касами и за големиот број несовесни граѓани допрва се разгледува решение. Според него ќе се поставуваат камери на критични точки со цел да се следат граѓани кои несовесни оставаат смет каде што не треба.

Во состојбата со сметот нема промена иако лани, во јуни 2022 година Касами најави дека во употреба ќе има дополнителен број нови 15 полуподземни контејнери, како и 100 контејнери добиени како донација од турска општина.

За полуподземните контејнери беа набавни и две специјални возила. Од 15-те полуподземни контејнери осум контејнери се од 3000 литри и седум од 5000 литри.

Слични содржини