Полска испраќа 500 полицајци на границата со Белорусија

од Vladimir Zorba

Полска ќе испрати 500 полицајци на границата со Белорусија, изјави денеска полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински.

„Поради тензичната ситуација на границата со Белорусија, решив да ги засилиме нашите сили со 500 полски полицајци од превентивните и антитерористичките единици“, напиша тој на Твитер.

Минатата недела Варшава најави заострување на безбедносните мерки поради загриженоста за присуството на групата на Вагнер во Белорусија. Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да им понуди можност на војниците од приватна воена единица да бидат префрлени во Белорусија, доведе до страв кај источните членки на НАТО дека нивното присуство ќе предизвика поголема нестабилност во регионот.

Во средата, лидерот на полската владејачка националистичка партија Право и правда (ПиС), вицепремиерот Јарослав Качински, рече дека Полска верува дека веќе може да има околу осум илјади платеници на „Вагнер“ во Белорусија. Тој рече дека Полска ќе преземе привремени и постојани чекори за зајакнување на границата, вклучително и зголемување на присуството на безбедносните сили и зголемување на утврдувањата.

Запрашан во четвртокот дали Брисел треба да и помогне на Варшава да плати за таквите мерки, заменик-министерот за надворешни работи Павел Јаблонски рече: „Полска го очекува тоа“.

Слични содржини