Портпарол на болница во Тел Авив отпуштен поради контроверзна прес-конференција

од Stefanija Kuzmanovska
183 прегледи

Ави Шошан, портпарол на медицинскиот центар Ичилов во Тел Авив, денеска објави дека бил отпуштен поради контроверзната прес-конференција одржана на 24 октомври, на која ослободената заложничка Јошевед Лифшиц ги критикуваше израелските неуспеси и позитивно зборуваше за луѓето кои ја киднапирале.

Шошан, кој ја извршуваше оваа функција 13 години, беше повикан на сослушување пред да биде отпуштен во согласност со законот за работни односи на Израел.

Тој денеска на социјалните мрежи објави дека повеќе не е вработен во болницата, пренесува „Танјуг“.

„Тајмс оф Израел“ известува дека прес-конференцијата на 24 октомври во лобито на болницата изгледаше како набрзина составена и неорганизирана. После тоа, имаше критики на сметка на владата дека не го надгледувала настанот, додека други ја обвинија болницата за организирање на конференцијата, што се смета за пропагандна победа на Хамас.

Членовите на Хамас ја зеле Лифшиц (85) како заложник од нејзиниот дом во комуната Нир Оз на 7 октомври, за време на нападите на палестинската организација врз израелските заедници во близина на Појасот Газа.

Нејзиниот сопруг Одед исто така бил заробен и се уште е во заробеништво.

Лифшиц и Нурит Купер (79) беа ослободени и вратени во Израел на 23 октомври од, како што соопшти Хамас, хуманитарни причини.

Слични содржини