Последниот историски танц на „братските народи“

од Vladimir Zorba

Од денеска, Македонија и официјално ќе добие нова влада. По неочекуваниот за него и неговите сопартијци пораз на локалните избори наесен, дотогашниот неприкосновен лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и доскорешен премиер, Зоран Заев, си поднесе неотповиклива оставка како на премиерското место на „Илинденска“ б.б, така и на првото столче на „Бихаќка“ како лидер на владејачките социјалдемократи.

Дали тоа се должи на неговата нестандарна политичка култура за балкански прилики, после поразот сам да се повлече од активната политика, или од разочарувањето од своите најблиски сопартијци, граѓаните кои не му ја дале поддршката за политиките кои ги водел, и сметал дека се (нај)добри, од неиспорачувањето на ветената евроиднина на Македонија, од страна на европските челници, особено по потпишувањето на историскиот, тежок компромис со јужниот сосед (Преспанскиот договор), со кој го сменивме името за севкупна употреба (Северна Македонија), или се заедно, може одговорот да го даде само самиот Заев. Нејсе. По изборот на Димитар Ковачевски-Таче, за нов лидер на СДСМ, започнува нова ера во политичките односи, како за самата партија, така и на македонската политичка сцена.

По шаховскиот „дамин-гамбит“ кој се одигра со обидот за формирање на ново парламентарно мнозинство, кое не успеа поради пратеникот од БЕСА Скендер Реџепи, како и зајакнувањето на старо-новото парламентарно мнозинство со четирите пратеници од Алтернатива на Африм Гаши, новиот премиер Ковачевски ќе има танталови маки во новата година, да го стабилизира мнозинството, а врз база на таа стабилизација и да испорача резултати со кои македонските граѓани ќе бидат задоволни, а со тоа и да го подобри разнишаниот рејтинг на неговата СДСМ во очите на граѓаните.

Се нема право на уште една грешка!

Во две, две и пол годишниот мандат кој му преостанува до одржувањето на евентуално, редовните парламентарни избори, премиерот Ковачевски со својот освежен владин кабинет, ќе нема буквално право на ниту една грешка. Тешка ќе биде задачата, но не и невозможна за политичкиот лифтинг на македонската влада, во наредните две години да се постигне исклучителен рејтинг преку отчетно и транспарентно, без ниту еден скандал (особено не корупциски/непотистички), и владеење со кое ќе се подобри квалитативно животот на обичниот граѓанин.

По несмасноста и недугавоста на одредени министри во претходниот владин состав на Заев, по арогантноста и неработењето на одредени претходни градоначалници од СДСМ, овој пат екипата во партијата, но и во владата собрана околу Димитар Ковачевски-Таче, не смее да згреши. Новите министри ќе треба да го обелат образот на старите, кои некогаш во својата можеби добра замисла за реформи во односниот министерски ресор (образование), изгореа, токму поради нахалноста во наметнувањето на тие промени кои не беа прифатени од широкото граѓанство (дигитализација на образованието/Мила Царовска).

Од друга страна, новоизбраното партиско раководство предводено од новиот лидер, пред се новиот генерален секретар Миле Зечевиќ, кој знае како „дише“ СДСМ, но и новите потпретседатели Стефан Богоев, Перо Костадинов, и Бисера Стојчевска-Костадиновска заедно со целиот извршен и централен одбор ќе ја имаат, исто така комплексната задача да ја реорганизираат партијата, да ги „збијат“ нејзините редови, народски што се вели, да ги изберат најкомпетентните кадри на локално општинско организационо ниво, кои ќе ја спремат партијата за новите политички битки, во прв ред за следните парламентарни избори кои следуваат, независно дали ќе бидат предвремени или редовни.

Токму од решавањето на најтешкото внатрешно, но и надворешно политичко прашање, а тоа е постигнување на квалитативен договор со официјална Софија, и евентуалното отворање на преговорите со Европската унија, ќе зависи и траекторијата по која ќе се види дали годинава ќе влеземе во нови политички кризи и организирање на предвремени избори (како што бара опозицијата), или пак ќе се стабилизира владиното мнозинство и ќе се посвети на реформите кои согласно отворените ЕУ преговори, веќе ќе мора суштински, а не само козметички како досега да се спроведуваат и да се реализираат.

Решение мора да има!

На само два дена од изборот на Ковачевски за нов премиер, се очекува официјалната посета на новиот бугарски премиер Кирил Петков кај нас, во официјално Скопје. Во политичката историја заминаа (барем засега), двајцата премиери кои го потпишаа толку фамозниот Договор за добрососедство и пријателство на 02.август 2017-тата година, Бојко Борисов и Зоран Заев, кој ѓомити требаше да ги уреди и нормализира нашите односи и Бугарија да биде прв промотор и мотор на нашето евроинтегрирање.

Наместо тоа, ситуацијата од „нигде никаде“, се искомплицира, руските (таму) и српските (тука) тајни служби и испостави си ја одиграа својата добропозната историска роља, и стигнавме до толку фамозното „вето до дупка“ (во превод: вето до последно), еден невиден ќор-сокак, меѓусебни односи спуштени на историски најниско ниво, и една наектрелизирана атмосфера во која ќе им биде многу тешко на новите премиери Петков и Ковачевски, да ја „оладат“, односно да постигнат договор-решение кое ќе биде претставено како „ win-win“, ситуација во двете земји и општества, особено што засвитените балкански националистички глави се убедени единствено и само во својата „исправна историска вистина“, без нималку шанса и простор да се чуе, камо ли да се уважува или разбере другото (спротивното) соседско стојалиште на перцепција на историските настани и дела.

Сепак, не би биле луѓе доколку не веруваме во некоја реалистичка тронка надеж, дека под притисок на меѓународната булдожер дипломатија (како, ако не под притисок, ние балканците би решиле тешко и горко национално прашање), може да постигнеме едно решение во оваа 2022-ра година, кое во суштина треба да биде патоказ на европската интеграција на Македонија, која од отворањето на преговорите до нивното официјално затворање и полноправно членство на земјава во ЕУ, ќе трае повеќе од една деценија.

И низ истото наше трансформациско патување кон Унијата, ќе треба и трансформациски за 180 степени да ги смениме и подобриме меѓусебните односи со Бугарите, се разбира доколку наидеме на таква воља и желба и искреност во пристапот од таа страна на Осоговијата. Политиката е маратон на долги стази. Ние Балканците, за наша жал, секогаш ги одбираме ем најдолгите, ем најтешките. Затоа и сме тука каде што сме. Но инаетот наш балкански, не води кон тоа секогаш да бараме повеќе проблеми, наместо решенија. И таму каде што ги нема проблемите, ние како по еден синдром на самоуништување да ги создаваме. Исклучок од тоа балканско правило беа поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев кои го пресекоа „Гордиевиот јазол“, го решија тридеценискиот спор меѓу нас и нашиот јужен сосед и Македонија стана триесетта полноправна членка на НАТО-алијансата, за доброто на иднината на идните генерации од двете страни на границата.

За истото такво добро за идните генерации од двете страни на нашата источна граница, верувам во надбалканскоста на Кирил Петков и Димитар Ковачевски. Ќе треба многу усилија, храброст, но и визија и решителност, за да се постигне нормализацијата во односите, наместо лудилото кое агентурните испостави на руските и српските тајни служби ни ги оставија во наследство како мираз, наречен вето и омраза!

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини