Прегазена мечка на патот Тетово-Јажинце

од Nikola Popovski

На регионалниот пат Тетово-Јажинце синоќа околу 21 часот се случила сообраќајна несреќа во која е усмртена мечка, а нема повредени луѓе.

-Вчеравечер (5 октомври) во 21 часот и 15 минути во СВР Тетово е пријавено дека на регионалниот пат Јажинце-Тетово, во тетовско Доброште, патничко моторно возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 45-годишниот М.П. од Скопје, удрило во мечка и ја усмртило. Нема повредени во возилото, додека мечката е предадена на Националниот парк „Шар Планина“. На местото на несреќата увид извршила екипа од СВР Тетово, информираше портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифоски.

Во општина Маврово и Ростуше, веќе секојдневие станаа „средбите“ меѓу локалните мештани и мечките. Изминатата недела жителите на село Жировница, каде состојбата е најалармантна сведочеа дека веќе ги забележуваат првите материјални штети.

По поплаките на жителите од Општина Маврово-Ростуше дека од мечките кои се симнуваат во селата и влегуваат во нивните дворови им е загрозена безбедноста, Владата го разгледа барањето за прогласување кризна состојба и за преземање на итни мерки и одлучи во најкраток временски период да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта коишто се во непосредна близина на населените места или во самите населени места, коишто претставуваат извор на привлекување на мечката, а од локалната самоуправа се бара да ги ислисти дивите депонии.

Слични содржини