Преседанот на Трамп и апсењето на Мадуро остава простор во иднина да биде практика насекаде во светот, а зошто да не и на Балканот!

-Македонската Влада е во право дека никој не се загрижил кога врз нас се кршеше меѓународното право, но (не)свесно забораваат дека токму нашиот стратешки партнер САД вршеа притисок да го прифатиме Охридскиот договор и да го промениме името, вели Атанасоски за „Локално“

од Nikola Popovski
151 прегледи

Дали апсењето на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро од страна на САД е преседан во меѓународното право? Премиерот Христијан Мицкоски со став дека Македонија мина низ многу преседани од менување знаме за влез во Обединетите нации до менување на Устав и име. Вели, ме загрижува громогласната тишина од истите тие европски и светски земји кога меѓународното право се кршеше на грбот на македонските граѓани. Премиерот рече дека како влада стојат до аргументите и потезите на стратешкиот партнер – САД.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ја поздрави акцијата на американските власти за заробување на венецуелскиот претседател и неговата сопруга. Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Муцунски напиша дека е за поздравување тоа што Мадуро ќе се соочи со правдата, посочувајќи дека одговорноста е клучна за слобода и демократија. Тој упати пофалби и до државниот секретар на САД, Марко Рубио за лидерството во борбата против, како што наведе, нарко-криминалните мрежи на режимот на Мадуро.

Земјава со доаѓањето на Трамп на чело на американската администрација постојано има усогласени ставови со САД. Се поставува дилемата дали можеби се фаќаме за некаква „сламка за опстанок“. Според дел од јавноста, тоа е несфатливо и неверојатно освен да се објасни со еден збор: одење по секоја цена кон тотална понизност и сервилност кон „нашиот стратешки партнер САД“.

-Да, целосно се во право и премиерот и поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник Антонијо Милошоски дека ,,никој не се загрижил кога врз нас се кршеше меѓународното право”, но не знам дали (не)свесно и манипулативно забораваат да кажат дека токму нашиот страрешки партнер САД беа тие кои насилно и најжестоко вршеа притисок да смениме и знаме и да прифатиме Охридски Рамковен Договор и Територијална организација и на крајот да го смениме нашето уставно и библиско име Македонија, токму во мандатот на актуелниот американски претседател. Не го правеа тоа Естонија, Луксембург, Шведска, Финска или Република Ирска, посочува политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски во изјава за „Локално“.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/Алсат-М ТВ

„Принципите на меѓународното право мора да бидат зачувани во Венецуела, а волјата на венецуелскиот народ останува единствениот начин земјата да ја врати демократијата и да ја реши сегашната криза“. Ова е официјалната позиција на ЕУ, која се чини е сосема различна од онаа на Владата. Дел од регионот ваквата ситуација ја спореди и со евентуално апсење на функционери од Балканот. Можно ли е слично сценарио на просториве? За Атанасоски, и самата ЕУ има непринципиелна ,да не речам мизерна позиција во однос на ,,специјалната воена операција на Трамп” во Венецуела.

-Да, Мадуро е диктатор кој „ги краде изборите“, но тоа не ви дава за право на овој начин да го суспендирате суверенитетот на неговата земја. Хипотетички,што ако Трамп реши истото да го направи со Гренланд,Канада,Панама,како што се „закани“ на почетокот на својот втор мандат? Каква ќе биде реакцијата тогаш на ЕУ? Живееме во можеби најлошата ера после Втората светска војна,каде што со најмоќните земји во светот управуваат нарцисоидни психопати кои освен акумулирана и невидена моќ и пари-не ги интересира ништо друго, истакна аналитичарот, додавајќи дека и „целосно ја уништуваат безбедносната архитектура на безбедноста во меѓународните политички односи, воспоставена после Втората светска војна и не враќаат во Хобсова или Тукидитова состојба  што е најстрашно сценарио за нас малите земји“.

Аналитичарот оценува дека веројатно сме далеку од вакво слично сценарио да биде „киднапиран претседателот на Србија или друг балкански државник доколку не му е по мера и ќеиф на Трамп, но овој преседан остава простор тоа во иднина да биде практика насекаде во светот, а зошто не и на Балканот“.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро реагира на, како што наведуваат, обидите на ВМРО-ДПМНЕ повторно да ја дефокусира јавноста од клучната тема – борбата против криминалот и корупцијата во земјава. Од СДСМ порачуваат дека фокусот мора да биде на домашните проблеми. „Македонија има свој Мадуро. Се вика Христијан Мицкоски и во моментов ја извршува највисоката функција во државата – претседател на Владата“, стои во соопштението. Во соопштението се потсетува и на односите со САД. „ВМРО заборави дека ние на САД гледаме како на стратешки партнер уште од времето кога се боревме против нивниот ментор Никола Груевски“, наведуваат од СДСМ, потсетувајќи дека токму СДСМ ја внесе Македонија во НАТО.

Од владејачката партија веднаш реагираа на изјавите од својот политички опонент, наведувајќи дека секогаш кога треба да се осуди криминал, СДСМ избира да молчи. Според ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија, „под влијание на своите ментори и пи-ар стратези од северот“, се вброила меѓу ретките партии што индиректно го поддржуваат Николас Мадуро и неговиот режим.

„Додека демократскиот свет реагира, раководството на СДС молчи. Очигледно, Венко Филипче има поважни приоритети како зимски одмор и скијање во Гармиш-Партенкирхен, во друштво на Зоран Заев“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини