Присилниот трансфер на населението во Рафа би бил „воено злосторство“, предупредува Макрон

Во повикот, Макрон му рекол на Нетанјаху дека има намера да поднесе нацрт-резолуција до Советот за безбедност на ОН со која се повикува на „итен и траен прекин на огнот“.

од Бети Божиноска

Францускиот претседател Емануел Макрон го предупредил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата дека секое присилно префрлање на луѓе од градот Рафа во јужна Газа ќе претставува „воено злосторство“, пренесува „Франс24“.

Во телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери, Макрон, исто така, остро ја осуди израелската најава во петокот за одземање на 800 хектари земја на окупираниот Западен Брег за нови населби, соопшти неговиот кабинет.

Активистите велат дека израелскиот проглас дека земјиштето во северната долина на реката Јордан сега е „државно земјиште“ е единствената најголема ваква заплена во последните децении.

Макрон го повтори своето противење на каква било израелска воена операција против Хамас во Рафа, каде што се засолни поголемиот дел од населението во Појасот Газа по неколкумесечни жестоки борби на територијата на опколената енклава.

Во повикот, Макрон му рекол на Нетанјаху дека има намера да поднесе нацрт-резолуција до Советот за безбедност на ОН со која се повикува на „итен и траен прекин на огнот“. Тој го повика Израел и веднаш да ги отвори сите грамнични премини кон Појасот Газа.

„Макрон имаше разговори и со јорданскиот крал Абдула Втори, во текот на кои двата лидера разговараа за неоправданата хуманитарна ситуација во Газа“, соопшти Елисејската палата.

Принудувањето на цивилите на ризик од глад е „неоправдано“, истакнаа двајцата лидери, кои, исто така, се согласија за потребата од решението со две држави за израелско-палестинскиот конфликт, што имплицира „создавање палестинска држава што ќе ја вклучува Газа“.

Планираната копнена офанзива на Рафа наиде на силен отпор и притисок од меѓународната заедница со предупредувања дека операцијата же доведе до цивилни жртви и ќе ја влоши хуманитарната криза. Израел, сепак, инсистира дека операцијата е неопходна во нивната кампања за уништување на Хамас.

Војната во Газа беше предизвикана од бруталниот терористички напад на Израел од страна на Хамас на 7 октомври, кој резултираше со околу 1.160 загинати, главно цивили. Израел вети дека ќе ги уништи милитантите, кои заробија и околу 250 заложници, од кои Израел верува дека околу 130 се во Газа, вклучувајќи 33 за кои се претпоставува дека се мртви.

Речиси шестмесечните борби однесоа 32.070 животи во Газа, според податоците од Министерството за здравство на територијата што ја контролира Хамас.

Слични содржини