Потресна исповед на Брижит Макрон: „Имав нормален живот… а потоа ја видов вистинската темнина“

Во интервју за „La Tribune Dimanche“, Брижит Макрон го спореди својот живот пред и по влегувањето во Елисејската палата

од Кристијан Димков
24 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Брижит Макрон, сопругата на францускиот претседател Емануел Макрон, во ретко и исклучително искрено интервју призна дека десетте години во улогата на прва дама на Франција длабоко ја промениле. Поранешната професорка отворено изјави дека станала потажна, поцинична и попесимистична од кога било досега и дека одблизу ја видела „темнината на светот, глупавоста и злобата“. Во интервјуто за „La Tribune Dimanche“, Брижит Макрон го спореди својот живот пред и по влегувањето во Елисејската палата.

„Пред тоа имав нормален живот, деца, работа, подеми и падови, како и сите останати. Еве, овие 10 години поминаа толку брзо. Беа толку интензивни. Ја видов темнината на светот, глупавоста, злобата. Понекогаш ми е тешко да го видам синото небо. Имам моменти на песимизам кои претходно ги немав“, изјави таа.

Нејзините коментари доаѓаат во моментот кога нејзиниот сопруг Емануел Макрон неодамна најави дека по претседателските избори во 2027 година ќе се повлече од политиката. Во интервју на Кипар минатата недела, Макрон изјави: „Не се бавев со политика претходно и нема да се бавам со неа ниту потоа“. Макрон, кој пред влегувањето во политиката работеше како инвестициски банкар, додаде дека по девет години на власт најтешко е „да се држите до она што сте го направиле добро, но понекогаш морате да се потсетите и на работите што сте ги направиле лошо“. Тој нагласи дека е потребна голема енергија за мандатот да се приведе кон крајот, бидејќи во спротивно премногу би жалел.

Брижит Макрон го запознала својот сопруг во 1993 година во средното училиште „Ла Провиданс“ (La Providence) во Амјен, каде што работела како професорка по драма. Тогаш Емануел имал само 15 години, а таа била мажена и мајка на три деца. Нивниот брак, поради големата разлика во годините, од самиот почеток предизвикуваше големо внимание кај јавноста и медиумите. За време на мандатот на Макрон, Брижит беше цел на бројни теории на заговор и лажни обвинувања, особено оние дека е транссексуална жена. Тие гласини се ширеа и во САД, а една од попознатите личности која ги повторуваше беше Кендис Овенс. Претходно оваа година, десет лица – меѓу кои трговец со уметнички дела, наставник, компјутерски научник и избран функционер – беа осудени за кибернасилство врз првата дама, што според нејзините соработници, сериозно го нарушило нејзиното физичко и ментално здравје, пишува „Телеграф“.

Минатата година големо внимание предизвика снимката од Виетнам на која се гледа како Брижит Макрон го турка својот сопруг во лицето додека се отвораат вратите на претседателскиот авион. Францускиот претседател и неговите помошници инцидентот подоцна го нарекоа безопасна кавга и шега. Макрон тогаш им изјави на новинарите во Ханој: „Се задираме и, всушност, се шегуваме со сопругата, и ова ме изненадува“.

Американскиот претседател Доналд Трамп го исмеа целиот случај на приватен ручек во Белата куќа, велејќи дека „сè уште се опоравува од десницата во вилицата“. И покрај сите притисоци, Брижит Макрон остана една од најблиските и највлијателните советнички на својот сопруг и активно се занимава со хуманитарни проекти, особено со борбата против насилството врз жените и децата.

Според францускиот Устав, претседателот може да служи најмногу два последователни мандати, но по пауза може повторно да се кандидира. Тоа теоретски би му овозможило на Макрон враќање на изборите во 2032 година. Но, судејќи според неговите последни изјави, се чини дека планира засекогаш да ја напушти политиката по 2027 година. Искрената изјава на Брижит брзо предизвика реакции ширум Франција. Додека дел од јавноста ја поздравува нејзината искреност, критичарите ѝ замеруваат дека е „прва дама која се жали“.