Обид за атентат на Трамп – сигнал за состојбата на американската демократија: „Ефектот ќе зависи дали јавноста ќе го гледа ова како индивидуален екстремизам или доказ за системски безбедносен пропуст“

Нов обид за атентат на Трамп: Иранското прашање или внатрешната нетрпеливост се мотивите на напаѓачот?

од Nikola Popovski
63 прегледи Фото: Printscreen/Youtube/KHOU 11

Напаѓачот кој со огнено оружје упадна на гала вечерата со дописниците од Белата куќа во хотел во Вашингтон каде учествуваше и претседателот Доналд Трамп, објавил антихристијански манифест пред пукањето. Политичкиот врв на САД беше безбедно евакуиран, осомничениот приведен, а службеникот на Тајната служба кој беше застрелан се опоравува.

„Го прочитав манифестот, тој е радикализиран. Тој бил христијанин, верник, а потоа станал антихристијанин и имаше многу промени. Поминал низ многу работи. Врз основа на она што го напишал, неговиот брат се пожалил на него и мислам дека го пријави во полиција, а и неговата сестра исто така се пожалила од него. Неговото семејство било многу загрижено. Веројатно бил прилично болен човек“, изјави Трамп.

ФБИ ја продолжува истрагата. 31-годишниот Кол Томас Ален од Торанс, град во Лос Анџелес се опишал себеси како „пријателски федерален атентатор“ кој планирал да ги нападне членовите на администрацијата на САД, давајќи им приоритет на највисоко рангираните. Осомничениот напаѓач се соочува со обвинение за напад врз федерален службеник, пукање од огнено оружје и обид за убиство.

„Не е невообичаено во ваков случај, да има обвинение за напад врз федерален службеник. Ќе има обвинение за пукањето од огнено оружје и обид за убиство на федерален службеник. А потоа, потенцијално, постојат обвиненија надвор од тоа што произлегуваат од разгледувањето на доказите“, изјави Тод Бланш, вршител на должноста државен обвинител на САД.

Според Трамп, Тајната служба завршила подобра работа од обидот за атентат во Батлер во јули 2024 година, кога на собир на отворено 20-годишен маж го застрела во увото.

Трет обид за атентант – дали причината е иранското прашање?

За дел од аналитичарите на состојбите во САД, овој настан не е само како напад врз една политичка фигура, туку како сигнал за состојбата на американската демократија. Кога поранешен претседател и актуелен кандидат повторно станува цел на сериозен безбедносен инцидент, тоа покажува дека политичката конфронтација во САД веќе има и јасна безбедносна димензија.

Воено-безбедносниот аналитичар и новинар, Александар Србиновски, потсетува дека нападот најверојатно е дело на поединец, а не на организирана мрежа., но, токму тоа е клучната грижа од дипломатска перспектива: денес, индивидуален актер со ограничени ресурси може да предизвика сериозен политички и безбедносен ефект, без потреба од поширока организациска поддршка.

Александар Србиновски – Фото: Архива

-Дополнително, овој случај не е изолиран. Станува збор за најмалку трет сериозен безбедносен инцидент во релативно краток временски период, што укажува на континуитет и зголемен ризик. Во таков контекст, прашањето повеќе не е дали има закана, туку како институциите ќе се адаптираат на новиот тип ризици – комбинација од физичко насилство и дигитална радикализација.

Политички, ваквите настани често создаваат краткорочен „рали ефект“. Доналд Трамп веќе го искористи тоа по нападот во Батлер во 2024 година, кога симболиката на настанот ја претвори во порака за отпорност. И сега, неговиот пристап – да не се повлече и да продолжи со јавни активности – гради слика на политичка издржливост. Но, долгорочно, ефектот ќе зависи од тоа дали јавноста ќе го гледа ова како индивидуален екстремизам или како доказ за системски безбедносен пропуст, истакнува Србиновски во разговор за „Локално“.

Запрашан дали политиката на американскиот претседател кон светот, особено ситуацијата со Иран, свесно доведе до вчерашниот немил настан, соговорникот вели дека е внимателен со директно поврзување на овој напад со надворешната политика. Според него, политиките на Трамп кон Иран и Блискиот Исток, вклучително и воените акции и притисокот врз регионалните актери, несомнено создадоа геополитички тензии и потенцијални безбедносни ризици.

-Но, во конкретниот случај, нема релевантни индикации за странска вмешаност. Напротив, досегашните информации упатуваат на профил на „самостоен актер“ поединец мотивиран од комбинација на идеологија, лични фрустрации или психолошки фактори. Тоа е модел кој станува сè почест во САД и генерално во западните демократии, посочува Србиновски.

Од дипломатска перспектива, додава соговорникот, клучно е да се направи разлика меѓу надворешни и внатрешни двигатели на насилство. Како што вели, надворешните подразбираат организирани операции и координација на државно или парадржавно ниво. Внатрешните, пак, произлегуваат од политичка поларизација, радикализација и ерозија на довербата во институциите.

-Во овој случај, јас би рекол дека тежиштето на инцидентот најверојатно е јасно и тоа потекнува од конфликтите во политичката клима на САД во внатрешниот дискурс. Надворешната политика, од друга страна може да влијае врз наративите, но не е примарен причинител според досегашните изјави на безбедносните чинители во Вашингтон. Сакам да подвлечам дека овој инцидент е важен и од дипломатски аспект, бидејќи погрешна проценка кој стои зад нападот може да доведе до непотребни тензии во меѓународните односи на Америка од едната страна и други држави од светот кои се во судар со новите политики на САД, без разлика дали говориме за геополитички прашања, економски, воени и слично, анализира Србиновски.

САД имаат историја на напади врз претседатели. Пушки како онаа со која беше пукано врз Трамп, пред да биде избран за претседател, можат да се купат за илјада долари. Четворица американски претседатели се убиени додека биле на функција. Секој пат по пукање се појавува темата за користење на оружје во Америка, но ситуацијата никако не се разрешува. Аналитичарот потсетува дека тоа не е нов феномен, но денес има поинаква динамика, поголема фреквенција и појава на индивидуални актери. Сепак, прашањето зошто проблемот со оружјето останува нерешен е суштински политички, смета Србиновски.

-Вториот амандман на Уставот на САД не се доживува само како правна норма, туку како дел од националниот идентитет. Тоа го прави секој обид за рестрикција исклучително чувствителен. Натаму, политичката поделба е длабока. Демократите го гледаат прашањето низ призма на јавна безбедност, додека републиканците и влијателни актери како Националната стрелска асоцијација го третираат како прашање на индивидуални права и самоодбрана. Во таква средина, компромисот станува политички скап.

Не треба да се занемари ниту културниот фактор. Во делови од САД, особено во руралните региони, оружјето е дел од традицијата и идентитетот. Дополнително, федералниот систем дозволува различни регулативи по држави, што го отежнува создавањето на единствен национален пристап, кажува соговорникот.

Србиновски исто така наведува и дека резултатот е несакан циклус за американското општество кој очигледно постојано се повторува: инцидент, јавна дебата, ограничени мерки, и враќање во статус кво.

-Во актуелниот контекст, овој циклус е дополнително засилен со дигиталната радикализација и политичката поларизација која од првите моменти на овој обид за атентат доби негативна динамика на социјалните мрежи со дип фејк видеата, со невистинити констатации кој стои зад обидот за атентат, кој стои зад мотивите за овој напад и слично, посочува аналитичарот и додава дека она што е многу побитно за нас во Македонија е дипломатска перспективата на овие немили случувања, а тоа е фактот дека инцидентот е олицетворение на ранливоста на еден силен систем: институциите функционираат, но општествениот консензус слабее.

-А кога безбедносните прашања стануваат идентитетски, тогаш и најмоќните демократии тешко наоѓаат одржливо решение. Македонски интерес е САД да бидат стабилна и силна држава. На крајот на краиштата, тие се сепак нашиот најголем стратешки безбедносен и економски партнер и наш интерес е овие немили случувања кон американскиот претседател Трамп, веќе никогаш да не се повторат. Стабилна и силна Америка е предуслов за стабилна и силна Македонија, заклучува Србиновски.

Напаѓачот од Вашингтон веднаш по приведувањето – Фото: TruthSocial/Donald Trump

Речиси секоj атентат или обид за атентат во САД е проследен со бран теории на заговор, а од атентатот врз Кенеди до денешните инциденти, дел од јавноста редовно ја доведува во прашање официјалната верзија на настаните. Во случајот со Трамп, ваквите шпекулации се засилени со политичка поларизација и недоверба кон институциите. Тврдењата за можна внатрешна работа се појавија речиси истовремено со првата вест за пукањето, иако за нив нема вистински емпириски докази. Сепак, нивната важност не лежи во вистината, туку во ефектот. Тие ја обликуваат перцепцијата за реалноста и дополнително ја еродираат довербата во политичкиот систем, но и во медиумите.

Во овој историски контекст, Трамп зазема посебно место бидејќи неговата политичка кариера е обележана со високо ниво на поларизација, но и со чести безбедносни инциденти.

Обидот за напад за време на претседателската кампања во 2024 година, како и последователните инциденти, укажуваат дека претседателот е симбол на длабоки социјални поделби, а пукањето овој викенд ја потврди таа динамика.

Реакцијата на самиот претседател беше индикативна. Наместо да го претстави инцидентот како закана за демократијата, тој го протолкува како потврда за сопствената политичка важност. Таквата реторика се вклопува во поширок модел во кој насилството не само што се осудува, туку и се реинтерпретира како доказ за политичка сила.

Н.П.