МВР соопшти за неколку случаи од синоќа и од ноќеска, во кои кај возачи на автомобили и на мотоцикли било откриено „солидно“ количество алкохол во крвта.
Така, вчера во 20 часот, од Итна медицинска помош Делчево било пријавено на делчевската полиција дека кај нив за укажување лекарска помош било донесено лице кое паднало од мотоцикл во селото Бигла.
Полициски службеници констатирале дека се работи за лицето Н.Ѓ. (45), кај кого се утврдени 2,51 промили алкохол во крвта. Известен е јавен обвинител од ОЈО Делчево, по чии насоки против Н.Ѓ. ќе биде поднесена пријава по чл.297-а од КЗ „безобѕирно управување со моторно возило“.
Утрово, пак, во 3:32 часот во Куманово полициски службеници го лишиле од слобода М.С.(34) од Куманово. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници на булевар „Октомвриска револуција“ запреле патничко возило „ауди“, управувано од М.С. и било утврдено дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1.61 промили алкохол во крвта.
Но тоа не е единствениот кумановец фатен како вози под дејство на алкохол. Возач на мотоцикл бил фатен уште попијан од неговиот сограѓанин. Како што соопшти МВР околу 3 часот на улицата „Ѓорче Петров” во Куманово бил лишен од слобода и З.С. (53), кој управувал мотоцикл „кимко” и му биле измерени 2,17 промили алкохол во крвта.
Пијан возач бил фатен и во Охрид. Само 15 минути по полноќ на булеварот „Туристичка“ во Охрид, полициски службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид од слобода го лишиле К.П.(37) од Валандово.
При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „geely“ со скопски регистарски ознаки, што тој го управувал и притоа констатирале дека возел под дејство на алкохол, односно биле утврдени 1,83 промили алкохол во крвта.
Лицата се исклучени од сообраќај и по целосно документирање на настаните, ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297-а од КЗ „безобѕирно управување моторно возило“, соопшти МВР.
Од сообраќајните прекршоци изминатава ноќ, има и случај на повеќе од двојно пречекорена брзина. Имено, утрово во 5:30 часот во селото Долно Палчиште, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово го лишиле од слобода С.И.(67) од с.Камењане, затоа што при радарска контрола било утврдено дека управувал патничко возило „мерцедес”, со тетовски регистерски таблици, со брзина од 101 километри на час на место каде максимално дозволена брзина е 50 километри на час.