ПРОДОЛЖУВА ХОРОРОТ во скопско Козле: Отруен мачор повторно ги потресе жителите

од Илинка Илиоска

 Веќе втор месец трујач слободно расфрла отров низ скопската населба Козле. Покрај уличните мачки во затворен двор беше отруено и куче, а денес повторно жителите на населбата се вознемирени откако во двор пронајдоа отруен мачор.

„Мачорот е денес отруен. Труењата траат веќе 50 дена. Овој пат полиција дојде на лице место, направи записник и комшиката во чиј двор беше мачорот даде изјава. Но, тие не го зедоа телото на мачорот туку ме упатија јас да го однесам на ветеринар за ми да издаде потрвда за труењето “, изјави за Локално, Сузана Миленкоска.

Таа додаде дека мачорот е 20ти што е отруен, но е апсолутно разочарана од институциите затоа што иако пријавила и во полиција и во АКВ, а и во општината трујачот е уште на слобода.

„Не знам што да направам. Како може слободно да труе, во нормална земја ќе беше веднаш приведен“, рече Миленкоска.

И нејзината сосетка Благица Стојчевиќ чие куче Арон беше неодамна отруено, денес за Локално повтори дека иако полицијата дошла на увид  откако таа нашла расфрлан отров низ дворот,  полицајците не зеле примерок за испитување, а и воопшто не е известена како понатаму се води постапката.

И двете соговорнички потсетуваат дека  мачењето и убивањето животни е казниво кривично дело по член 233 од Кривичниот законик, но покрај тоа расфрлањето отров претставува опасност и за луѓето.

Локално пред скоро две недели кога објави за алармантната состојба во Козле испрати прашања дали и како постапува Агенцијата за храна и ветеринарство, но до денес оттаму не добивме никаков одговор.

И.И.

📸 Масовно труење на мачки и домашно куче во скопско Козле, полицијата не реагира, трујачите не престануваат

Слични содржини