Путин до Ердоган: Мариупол е ослободен, нема повеќе борби

од Nikola Popovski

Мариупол е „ослободен“ и таму повеќе нема борби, изјавил рускиот претседател Владимир Путин во вторникот во разговор со неговиот турски колега, повикувајќи ги украинските борци да се предадат и дека им се гарантира животот.

Огромната челичарница Азовстал е последната локација контролирана од украинските сили во Мариупол. Киев треба да „преземе одговорност“ за војниците во фабриката за челик Азовстал во Мариупол, му рекол Путин на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, се вели во соопштението на Кремљ.

Путин ги повикал украинските војници во Азовстал да го положат оружјето.

„На воените затвореници им се гарантира живот, медицинска нега и третман во согласност со меѓународните правни стандарди“, се вели во соопштението на Кремљ.

Украина во понеделникот соопшти дека Обединетите нации треба да бидат „иницијатор и гарант“ за секој договор за евакуација што ќе треба да се спроведе во присуство на Црвениот крст.

Зградите на комплексот се во голема мера уништени, но украинските борци се кријат во голема мрежа на подземни тунели од каде продолжуваат да им пружаат отпор на Русите.

Слични содржини