Радикално решение за Матрјошка кризите

од Vladimir Zorba

Во моментов во државава граѓаните се соочуваат со серија длабоки, меѓусебно поврзани кризи, чија интеракција и надополнување има сериозен потенцијал да прерасне во една единствена суперкриза, која ќе претставува егзистенцијална закана за самото општество. Овие кризи всушност функционираат по моделот на руската Матрјошка, каде во секоја кукла се крие друга.

Од една страна имаме експлозија на случаи на Ковид, со кои целосно девастираниот здравствен систем едноставно нема способност да се справи, и му ги препушта на приватното здравство. На полураспаднатите државни болници сега им се заканува и премрзнување, откако топлотната дистрибуција колабираше пред цената на гасот, истовремено најавувајќи оставање на илјадници домаќинства без парно греење.

Грејната криза е вгнездена во енергетската. Поради неа веќе со месеци стрепиме од рестрикции на струја, додека го ребалансираме домашниот буџет за да се адаптираме на поскапувањето. Во меѓувреме, се крстиме дека дотраените блокови на РЕК Битола ќе издржат во напојувањето добиено од резерви на фосилно гориво, кои се еден од основните причинители на страотното загадување на овие простори и кризата на животната средина.

Конечната конвергенција на еколошката, енергетската и здравствената криза се случува визави економската криза. Сите горенаведени кризи укажуваат на неодржливост на економскиот модел, кој се сведува на константна трка за позитивен биланс, во циклична алтернација меѓу трупање на богатство и преживување. Постојано има прилика која треба да се искористи за да се профитира, или крах од кој мора да се извлече. Во вакви услови, едноставно не постои време за рефлексија околу структурните аномалии како галопирачката нееднаквост и ендемската корупција.

БЕГ и РЕК се примери за оваа суицидна динамика. Снабдувањето со топлинска енергија отиде во приватни раце затоа што олигархијата го сметаше овој сектор за златна кокошка. Сега, кога гасот поскапе, БЕГ моли за спас од државата. Кога ситуацијата ќе се стабилизира, експресно ќе се врати старата песна, еуфемистички наречена општествено неодговорен пристап, или во превод – дерење на корисниците за профит на поединци.

Случајот со РЕК е уште поапсурден, затоа што таму затворениот круг е на ниво на трагедија одобрена од сите засегнати: за неколку илјади работници не доаѓа во предвид никаква енергетска транзиција во која термоелектраната би се затворила, затоа што неопходна им е плата, која во огромна мера ќе се троши на медицински услуги во приватните установи (бидејќи државните се разнебитени), поради здравствените проблеми предизвикани токму од активноста на централата.

Целовитоста на оваа гротеска ја гарантира алчноста на бизнис и владејачката елита, за која РЕК и сличните капацитети се плен за распределба меѓу заслужни партиски функционери, можност за местење тендери и други дубари, поради кои нема време за некаква структурна реформа. Целта на овие менаџерски мутиводи е да зграбат колку можат додека се таму и потоа жешкиот костен да му го префрлат на следниот, до моментот кога некој ќе сфати дека повеќе нема јаглен, и е време за паника и бејлаути.

Токму затоа и мајката на сите кризи не е економската, туку политичката. Таа е Матрјошката која ги содржи во себе сите преостанати куклички, затоа што ја одредува рамката во која се одвиваат сите општествени текови. Како тие ќе се развиваат, зависи од иницијалната социјална конструкција.

Деновиве имаме уште една промена на лидерството на државата, и по којзнае кој пат очекуваме од него да се справи со овие кризи и да го врати општеството на прав пат. Меѓутоа, тие очекувања се нереални ако се знае од каква школа тоа лидерство произлегува и досегашната историја на трансфери на власта. Тоа е сурово прагматична школа на шеми, сплетки, подметнувања, од која најсилни излегуваат најрасипаните. Накратко, тоа е партиската политика: змиско гнездо, во кое небитно е која змија те укасала.

Затоа и сите овие кризи не можат да бидат решени од кадрите на партизмот, каков што е избраникот на Зоран Заев за негов наследник. Да се биде партиски инсајдер, а истовремено да се има доволно храброст и имагинација да се размислува „надвор од кутијата” е логички парадокс. Исто како и ешалонот кој е распореден пониско во хиерархијата, во претпријатијата како РЕК, основниот инстинкт на ваквите играчи е лов во матно, што подразбира посматрање на проблемите од перспектива на личен или партиски бенефит, маневри за нивно привремено избегнување, и поделба на колачот во ограниченото време кое го имаат на власт.

Заклучокот е дека бадијала е промена на играчите, ако нема промена на правилата на игра. Во сржта на нашата политичка култура се наоѓа култот на лидерот, од кој очекуваме со магично стапче да направи системските кризи да исчезнат, несвесни дека токму овој менталитет е носечки столб на самиот систем. Кај самите лидери, ваквото ставање на пиедестал води кон месијански синдром и авторитарност, што ги радикализира нивните веќе цинично-егоистични тенденции.

За трајно решавање на кризите, потребна е радикалност од друг тип. Потребна е радикална промена на политичката култура, инспирирана од утопистичката визија за хоризонталистичка политичка организација и систем на одлучување преку директна демократија. Ваков проект, базиран на граѓанска автономија и активна делиберација, е во состојба да му влее страв во коските на партискиот естаблишмент, затоа што ќе ја еродира колективната апатија, пасивност и субмисивност од која тој зависи, и ќе мобилизира преку проекција на поинакво општество од иднината во сегашноста.

Матрјошката на кризите може да биде целосно скршена единствено од масовно социјално движење, наместо преку концентрација на моќта кај политичката каста. Основата за вакво движење веќе имаме во зелените локалисти кои направија пробив на претходните избори. Но тие мораат да разберат дека еколошката катастрофа е само претпоследната кукла. Затоа, за да ја надминат својата ембрионална фаза, тие мораат да престанат да се задоволуваат со инкрементални подобрувања во рамките на институциите и да се здобијат со рефлексивност за тоа кои се, што навистина сакаат да постигнат, и како да го избегнат репродуцирањето на истиот систем.

Само на тој начин ќе можат да ја претворат индигнацијата на овој народ во надеж за вистинска, сеопфатна промена.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини