Распишани парламентарните избори во Србија за 26 април

од Nikola Popovski

„Драги граѓани на Србија, само што ја потпишав одлуката за распишување парламентарни избори. Тие ќе се одржат на 26 април годинава. Им посакувам успех на сите учесници“, рече Вучиќ.

Претседателот рече дека изборите се важен акт за земјата, затоа што на нив граѓаните одлучуваат во која земја сакаат да живеат и дека тие се голема одговорност, не само за политичките партии и граѓанските групи што учествуваат во нив, туку и дека се клучни за секој граѓанин на Србија.

Затоа ги повика граѓаните да учествуваат на изборите.

„Барам луѓето да учествуваат на изборите, да покажат сериозност и одговорност кон својата земја, убедени дека ќе го изберат патот за себе и за нивните семејства на најдобар начин, но пред сè за нашата убава Србија“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека сака, пред сè, на денот на изборите, да има демократска атмосфера во текот на целата кампања, да се почитуваат политичките противници, да излезат со различни ставови и аргументи и кампањата да биде борбена, но мирна.

„Луѓето да донесат најдобра проценка за политиката што претходеше, но и за политиките што треба да придонесат за подобра иднина на граѓаните“, рече Вучиќ.

Тој на сите актери им посака добра, реална и демократска политичка игра. „Би сакал да си честитаме едни на други вечерта на 26 април и да се движиме кон подобра иднина, заеднички и обединети. Да живее Србија“, рече Вучиќ.

Во српскиот парламент има 250 пратеници.

Слични содржини