Излезеноста на претстојниот референдум е едно од прашањата кое доминира во јавната дебата за плебисцитарното изјаснување закажано за 30 септември, а кое ја одредува и судбината на Договорот од Преспа и евроатлантската иднина на земјата. Според шефот на дипломатијата Никола Димитров, референдумот не е правен услов во Договорот. Во него се споменува референдум, но тој, вели, е политичка заложба и ветување и на СДСМ во изборната програма и на ВМРО-ДПМНЕ уште од 2005 година. 

– Во последната програма на ВМРО-ДПМНЕ со која излегоа на изборите во 2016 -та не постои цензус. Таму вели ако има договор на маса ќе ги прашаме граѓаните и ако мнозинството кажат „да“ ќе го потврдиме тој договор. Во програмата на опозицијата 27 години немаме договор. Прв пат имаме на маса, заштитуваме тоа што е најважно – кои сме. Тие од 2005 викаат референдум, дојдовме до тој ден. Референдумот ни е за шест дена и гледајте ни ја ситуацијата. Време е за ова прашање да се обединиме, нагласи Димитров  вчера на прес-конференцијата во Владата посветена на појаснување на сите аспекти од Договорот со Грција.

Според него, легитимација на референдумот ќе биде големо мнозинство, а тука, вели, индикатори ќе бидат мнозинствата од претходни изјаснувања на граѓаните на претходните парламентарни избори, но рече, не може да каже конкретна бројка.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју минатата недела излезе со ставот дека доколку референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, партијата тоа ќе го почитува.

– Ако бидат исполнети двата услова, првиот да има цензус и мнозинството да гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна. Партијата ќе донесе свој став, но во таков случај и за нас и за целата македонска политичка јавност е јасно дека референдумот ќе биде успешен ако бидат исполнети овие два услова и тука нема дилема, рече Мицкоски прашан дали ако референдумот биде успешен ќе им каже на пратениците од партијата да ги поддржат уставните измени за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

Тој и во обраќањето на протестниот марш што опозициската партија го организираше во Охрид го повтори ставот дека договорот за менување на името е штетен и треба да се отфрли. Договорот, рече тој, е „диво месо“ вметнато во здрав организам. Во однос на референдумот го повтори партискиот став дека секој треба самостојно да одлучи.

Со порака дека ќе го бојкотира референдумот, од САД се огласи претседателот Ѓорге Иванов.

– На 30 септември нема да излезам да гласам. Кога ја преземав функцијата Претседател на Република Македонија, положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва, вели Иванов.

За шефот на дипломатијата Димитров и за владејачката СДСМ, бојкотот на Иванов е бегство од одговорност.

– Најдемократско средство во секоја демократија е референдумот. За ова прашање заради кое изгубивме многу генерации, 27 години нерешен спор, да се каже после најава во кампања дека ќе има референдум кога и да има заемно прифатливо решение со Грција на маса дека ќе ги прашаме граѓаните, да се каже дека не се гласа, е рамно на бегство од одговорност. И тоа не се кажува овде туку преку океанот, рече Димитров.

Според него, само тие што ќе гласаат на референдумот ќе учествуваат во одлуката за нашата иднина.

– Не може да седите дома, а да влијаете на одлуката. Ако има еден глас повеќе „не“, против членството во ЕУ и НАТО ние ќе се поклониме и ќе кажеме оваа работа не поминува. Меѓутоа, само тие што гласаат може да влијаат врз таа одлука. Ако големо мнозинство од граѓаните кажат „да“ дури и да нема цензус тоа ќе биде земено предвид, меѓутоа ситуацијата ќе се врати во Собранието на РМ. Затоа да не се учествува со свој глас во ваква крупна одлука е бегство од одговорност, рече Димитров.

За СДСМ „последниот остаток од криминалниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов е противник на демократијата, бидејќи ја спори најважната демократска алатка – гласањето, а, наведуваат, токму преку гласање и избори, Иванов станал претседател.

– Ставот на Иванов е срамно бегство од одговорност. За среќа на граѓаните, Иванов не е тој кој одлучува за иднината. Иванов е премал и премалку важен, граѓаните и нивната волја се тие кои се големината на Македонија, тие ќе ја донесат одлуката, порачуваат од СДСМ.

Потив бојкот синоќа повика и премиерот Зорна Заев. „Бојкотот носи трња и троскот, ништо друго“, порача Заев од трибина во Неготино. Истакна дека народот секогаш во историјата знаел да носи мудри одлуки и изрази уверување дека и овој пат ќе го стори тоа.

Во меѓувреме, и американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли оцени дека одлуката што македонските граѓани треба да ја донесат на референдум е многу важна и затоа се надева дека ќе излезат и ќе го кажат своето мислење.

– Драго ми е што сум овде на оваа крстосница на Македонија, во време кога Македонија е на крстосница и многу важната одлука на граѓаните што треба да ја донесат неделава што претстои. Се надевам дека граѓаните ќе излезат и ќе го искажат своето мислење, кое и да е тоа, ова е значаен дел од демократскиот процес, рече Бејли при вчерашната посета на општина Куманово.

Слични содржини