Ременски: Примарна цел ќе ми биде врвот да биде долу, а базата на членството на СДСМ да одлучува

од Nikola Popovski

Поранешната пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски уште еднаш повтори дека ја бара поддршката од искрените борци и членови во партијата, за да победи на внатрепартиските избори, закажани на 12-ти декември.

-Сметам дека членовите знаат да ги ценат трудот и работата и придонесот во партијата и за државата. Доволно е да ги погледнеме анализите. Сметам СДСМ имаше доволно да ги деинсталира тезите за режим. Сите очекуваат да се промени вредносната матрица во државата, вели Ременски во гостувањето на Дневникот на ТВ Сител.

Таа посочи дека ќе шири кохезивна енергија.

-Не правам разлика меѓу луѓето. На СДСМ не му треба само лидер кој ќе раководи. Сметам дека не одговориме на сите барања на граѓаните и верувам дека тоа ќе го поправам. Го немаме веќе луксузот да се заробуваме во партиските органи, потенцира Ременски и додава дека доколку стане претседателка на владеачката партија, ќе бара јасни и конкретни ставови од сите партии за горчливите прашања на државата.

-Немам никаков конфликт со раководството на СДСМ, Ниту пред поднесувањето на кандидатурата, ниту после тоа, не сум контактирала со лидерот Заев. Тој секако ја поздрави и поддржи мојата кандидатура, посочува Ременски.

Според неа, потребна е консолидација и обединување во партијата.

-Мојата примарна цел е да ја свртиме пирамидата на одлучување наопаку – врвот да биде долу, а базата на членството да биде на врвот, информира поранешната пратеничка во Собранието.

Слични содржини