„Репортери без граници“ пак го тужи Израел пред Хашкиот суд

од Илинка Илиоска

Репортери без граници (РСФ) денеска поднесоа нова жалба до Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради „воените злосторства извршени од Израел врз новинарите“, соопшти организацијата.

РСФ го повикува обвинителот на Меѓународниот кривичен суд „да започне истрага за злосторствата извршени против најмалку девет палестински новинари во периодот од 15 декември 2023 година до 20 мај 2024 година“.

Повеќе од 100 новинари од Газа „биле убиени од израелската армија“, тврди организацијата.

Тие прецизираат дека ова е трета тужба за смрт на новинар во Газа пред МКС во Хаг, по оние на 31 октомври и 22 декември.

Во нивната тужба, која ја поднесуваат овој понеделник, се спомнуваат „осум дополнителни случаи на повредени палестински новинари и еден репортер“, сите „во текот на нивните должности“.

РСФ тврди дека има „разумна основа да верува дека некои од овие новинари биле жртви на намерни убиства, а други на намерни напади врз цивили од страна на израелската армија“.

На почетокот на јануари, обвинителот на МКС рече дека злосторствата против новинарите биле покриени со истрагата за воени злосторства во Газа.

„Оние кои убиваат новинари го напаѓаат правото на јавноста на информации, што е уште поважно во време на конфликт“, коментираше адвокатот на РСФ, Антоан Бернард во соопштението за печатот.

Според Комитетот за заштита на новинарите со седиште во Њујорк, најмалку 107 новинари и медиумски работници биле убиени за време на војната во Газа.

Тужбата на РСФ конкретно се однесува на двајцата новинари на Ал Џезира, Хамза Дахдух и Мустафа Тураја, кои беа убиени во напад на нивниот автомобил на југот на Појасот Газа.

Израелската војска објаснува дека „двајцата летале беспилотни летала што претставувале непосредна закана за израелските војници“ и ги опишале како „терористички агенти“, тврдење кое нивните семејства и Ал Џезира го негираа

Слични содржини