Резервите на Манчини ја однесоа Италија во четвртфиналето на Европското

од Vladimir Zorba

Фудбалерите на Италија и Австрија го одиграа вториот натпревар од осминафиналето на Европското првенство, а „азурите“ се пласираа во најдобрите осум со победа од 2:1 по продолженијата.
Регуларните 90 минути завршија со резултат 0:0.

Во петтата минута од првото продолжение – Австрија конечно капитулираше. Спинацола го најде Киеза во австрискиот шеснаесетник, кој одлично се справи, шутираше силно и погоди за големото славје на Италија.

Во последната минута од првото продолжение, Италијанците повторно одлично комбинираа во нападот, а додавањето на Ачерби одлично го искористи Песина и погоди за 2: 0.

Интересно, и Киеза и Песина се играчи кои добија шанса од клупата.

Сепак, Калајџиќ во 113-та минута од натпреварот покажа дека Австрија нема да се предаде и по 2:0. Австрија имаше корнер, а овој млад фудбалер одлично се снајде со дури тројца италијански играчи на грб, и со глава го матираше италијанскиот голман.

Ова беше трошка надеж за Австрија, која беше рамноправен противник на моќните „азури“ во поголемиот дел од натпреварот.

Сепак, тоа беше се на овој натпревар – Италија ја сочува својата мрежа и не дозволи големо изненадување во оваа фаза од натпреварувањето.

Тимот на Роберто Манчини ќе излезе против подобриот тим од натпреварот Белгија – Португалија во четвртфиналето.

Слични содржини