На денешен ден  6 март pieta

1475.- Во Капресе, Тоскана, е роден Буонароти Микеланџело (вистинското име му е Микеланџело ди Лодовико ди Леонардо ди Буонарото Симони), италијански скулптор, сликар, градител и поет, великан на италијанската уметничка ренесанса, еден од најголемите уметнички гении во целата историја на цивилизацијата. Со својот творечки потенцијал и нескротлив индивидуализам, тој е исклучителна појава во уметноста. Своите најпознати скулпторски и сликарски дела ги создаде во Рим и во Ватикан, меѓу кои се истакнуваат монументалната базилика на Свети Петар во Рим, фреските на Сикстинската капела во Ватикан, и скулптурите “Мојсеј”, “Давид”, “Пиета”, “Бахус”, “Робови” и други. Умре во Рим, на 18 февруари 1564 година.

1480.- Во Толедо е потпишана спогодбата со која Шпанија го призна португалското освојување на Мароко, а Португалија се откажа од претензиите према Канарските Острови.

1543.- Умре Антонио Алегри Кореџо, италијански сликар, еден од творците на барокното сликарство. Сликаше религиозни и митолошки теми, а важна особина на неговото творештво е разнежната сензуалност, декоративност и чувството за односите на светлото и темното. Роден на 30 август 1489 година.

1619.- Роден е францускиот писател Савинијен Сирано де Бержерак. Во 1640 година беше тешко ранет поради што ја напушти војската во која беше исклучителен мечувалец. Напиша по една комедија и една тратегија, пишуваше песни, но најпознат е по делото „Другиот свет“ во кое го опишува патувањето на Месечината и Сонцето.

1836.- По тринаесетневната опсада, мексиканските војници ја зазедоа тврдината Аламо, во Сан Антонио, во Тексас. Тогаш, заедно со 189 бранители на тврдината, загина и легендарниот американски херој Дејвид Крокет.

1874.- Роден е Николај Александрович Берѓаев кој стана најпопуларен руски филозоф на Запад.  Умре во Франција, во 1948 година. Дела: „Христијанството и класната борба“, „Смисла на историјата“, „Филозофија на слободата“, „Човек и машина“, „Извори и смислата на рускиот комунизам“, „За човековото ропство и слобода“.

1900.- Умре германскиот инженер Готлиб Вилхелм Дајмлер, кој во 1883 година го конструира првиот автомобилски мотор на бензин. Овој мотор им овозможи на возилата да постигнат брзина од 18 километри на час. Во 1890 година ја основа компанијата „Дајмлер Мотрен-Гезелшафт“, која 26 години по неговата смрт се обедини со фабриката на Карло Бенц во компанија под името „Дајмлер-Бенц“, производител на престижните автомобили „мерцедес“.

1926.- Роден е полскиот филмски режисер Анджеј Вајда, втемелувач на субјективниот реализам. Тој беше главен претставник на „црниот бран“ на полскиот филм во педесеттите години од 20. век. Филмови: „Генерација“, „Канал“, „Пепел и дијамант“. „Лотна“, „Самсон“, „Прав“, „Свадба“, „Ветена земја“, „Госпоѓи од Вилко“, „Диригент“, „Човек од железо“, „Дантон“, „Една германска љубов“.

1930.- Умре германскиот адмирал Алфред фон Тирпиц, кој како министер на морнарицата од 1897 до 1916 година одлучно придонесуваше за усовршување на моќната воена  флота на Германија. Ги напиша мемоарите „Сеќавања“.

1937.- Родена е Валентина Владимировна Терешкова, советски космонаут, прва жена која летна во вселената со вселенскиот брод “Восток 6” и од 16 до 19 јуни 1963 година ја обиколи Земјата 48 пати, поминувајќи 1.960.000 километри.

1940.- На секторот Мерсинг на француската граница дојде до прв судир помеѓу британската и германската пешадија во Втората светска војна.

1941.- Крунскиот совет, по големите притисоци, одлучи Југославија да пристапи кон Тројниот пакт, под услов Германија и Италија да и гарантираат за неповредливост на територијата.

1944.- Полетувајќи од воздушната база во Велика Британија, 658 американски бомбардери во Втората светска војна почнаа со деноноќно бомбардирање на Берлин.

1945.- Првата американска армија го зазеде германскиот град Келн. Утредента го зазеде неоштетениот мост кај Раманген и формира мостобран на десниот брег на реката Рајна.

1950.- Умре францускиот државник Албер Лебрен, претседател на Франција од 1932 до 1940 година. Како последен претседател на Третата република, по нацистичката окупација во Втората светска војна беше принуден власта да и ја предаде на марионетската влада на маршалот Петен.

1953.- Георги Маљенков по смртта на болшевичкиот диктатор Јосиф Сталин стана советски претседател на владата и прв секретар на Комунистичката партија.

1957.- Двете некогашни британски колонии – Златниот Брег и Тоголанд се обединија и ја формираа независната држава Гана.

1965.- Министерството за одбрана на САД соопшти дека во Јужен Виетнам ќе размести 3.500 маринци, со што почна отвореното американско воено ангажирање во оваа земја.

1967.- Умре унгарскиот композитор Золтан Кодаљ, кој заедно со Бел Барток се најзначајните унгарски музички творци на 20 век, во чии дела е препознатлива мелодиката и ритамот на народната музика. Напишал студија за унгарскиот музички фолклор и издаде збирка на народни песни. Дела: кантата „Psalmus hungaricus“, сценска музика „Хари Јанош“, оркестарско дело „Игри од Галанте“.

1970.- Од Комунистичката партија на Чехословачка е исклучен поранешниот лидер Александер Дубчек.

1973.- Во Данби умре Перл Бак, прочуена американска писателка. Светска слава стекна со своите романи за животот на кинескиот народ. Најпознати нејзини дела се “Добра земја”, “Мајка”, “Исток – запад”, “Змејово семе”, “Синови”. Добитник е на Пулицеровата награда во 1931 година и на Нобеловата награда за литература во 1938 година. Родена е на 26 јуни 1892 година.

1978.- Почна емитувањето на Втората програма на Телевизија Скопје.

1980.- Француската писателка Маргарет Јурсенар е избрана за член на Француската академија на науките. Со тоа таа влезе во историјата како прва жена, член на француската институција.

1994.- Умре грчката актерка Мелина Меркури, која беше многу ангажирана во шеесетите години во борбата против воената хунта, потоа министер за култура во владата на грчките социјалисти. Филмови: „Стела“, „Оној кој мора да умре“, „Циган и џентлмен“, „Никогаш во недела“, „Федра“, „Победници“, „Еднаш не е доволно“, „Маја и Бренда“, „Лизистрата“, „Слатка приказна за младоста“, автобиографија „Ја сум родена Гркинка“.

1996.- Собранието на Република Македонија за нов претседател (по оставката на Стојан Андов) на Собранието на Република Македонија го избра Тито Петковски.

1997.- Најголемата штедилница во Република Македонија – ТАТ, со седиште во Битола, е ставена под принудна управа на Народната банка на Македонија. Почна „Аферата ТАТ“.

1999.- На северот на Камбоџа долж границата со Тајланд уапсен е Та Мок, последниот од водачите на маостичкото герилско движење “Црвени Кмери“, кои во текот на четиригодишното стравотно владеење во Камбоџа во втората половина на седумдесеттите години на 20. век убија меѓу милион и два милиони луѓе.

2000.- Вршителот на должноста претседател на Русија Владимир Путин не ја исклучи можноста Русија еден ден да стане членка на НАТО, под услов на „Русија да се гледа како на рамноправен партнер“, нагласувајќи дека за неговата земја „изолационизмот не е опција“.

2003.- Авионот „Боинг 737-200“ на националната алжирска авиокомпанија „Ер алжери“ се урна набргу по полетувањето од аеродромот Таманрасет, при што загинаа 102 патника и членови на екипажот.

2005.- Умре американскиот научник Ханс Бате, добитник на Нобеловата награда за физика во 1967 година и еден од творците на атомската бомба.

2006.- Почна судењето на Закариј Мусауи (38), во окружниот суд во Вирџинија, единствениот човек кој во САД е обвинет за директна врска со терористичките напади на Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година. За време на нападот беше во затвор, но лажејќи ги инспекторите  го спречи навременото откривање на заговорот. Мусауи ја шокира поротата кога на 28 март на судењето рече дека требало да управува со петтиот авион чија мета беше Белата куќа.

2007.- Во два силни земјотреса, кои го погодија индонезискиот остров Суматра, загинаа најмалку 70 луѓе. Епицентарот на земјотресот, кој се почувствува во Малезија и во Сингапур, беше на околу 50 километри од градот Паданга на Суматра.

2007.- Осуманесет луѓе го загубија животот во судирите меѓу исламските екстремисти и владините сили на југот на Филипини. Герилците на „Исламскиот фронт за ослободување Моро“ и владините сили се судрија во градот Мидсајап, околу 960 километри јужно од Манила.

2007.- Најмалку 100 ирачки шиитски верници загинаа, а 160 беа ранети во двата самоубиствени напада со експлозија во градот Хила, на околу 95 километри јужно од Багдад.

2007.- Умре Жан Бодријар, француски филозоф, постмодернист и постструктуралист. Негово најпознато дело е „Да се заборави Фуко“, објавено во 1977 година, кое беше едно од 20 дела кои ги напиша. Последното од 20-те дела е „Кула на сеќавањата“, објавено во 2005 година.

2007.- Ирачката сунитска бунтовничка група „Исламска држава во Ирак“, поврзана со Ал Каида, изведе акција на упад во затворот Бадуш, во близина на ирачкиот град Мосул, од каде ослободи 150 затвореници. Полицијата успеа да пронајде и повторно да уапси 47 затвореници.

2008.- Во два бомбашки напада во центарот на Багдад, најмалку 55 луѓе загинаа, а околу 130 беа ранети. Нагазна мина експлодираше во трговската зона во градскиот кварт Карад, а набрзо потоа, по доаѓањето на ирачките сили за безбедност на местото на настанот и по затворањето на сите премини, бомбашот-самоубиец се дигна во воздух.

 

Избор миа

Слични содржини