РСБСП повикува на внимателност: Сѐ уште има високи температури и зголемена фреквенција на сообраќајот!

од Vladimir Zorba

Во летниот период, за време на годишните одмори, во услови на зголемена сообраќајна фреквенција, високи температури и опуштена атмосфера, се зголемува и ризикот за предизвикување на сообраќајни незгоди. Конкретно, статистичките податоци покажуваат дека во летниот период, односно во летните месеци, доаѓа до речиси двојно зголемување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, во однос на останатите месеци во годината. Ваквите состојби ја поттикнуваат потребата за преземање на една широка и сеопфатна акција за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, соопштија од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот.

Во овој период од годината и согласно тоа, РСБСП и МВР ja реализацираат таканаречената „Летна кампања 2021“.

Летната кампања 2021 се реализира под мотото „Вози одморен“. Целта на летната кампања е подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата преку едукација и подигање на свеста кај возачите за влијанието на високите летни температури и на заморот врз способноста за управување со моторно возило.

Возењето во летни услови носи многу предизвици. Обврска на возачите е да бидат максимално подготвени, одморени и концентрирани за патување, да се прилагодат на условите на патот и да ја провераат техничката исправност на возилото. За ваша безбедност и за безбедноста на вашите најмили, бидете одговорни во сообраќајот.

Согласно тоа, РСБСП апелира возачите да бидат внимателни и концентрирани кога учествуваат во сообраќајот, да не го потценуваат заморот, да патуваат одморени и наспиени и да прават минимум 15 минути пауза на секои два часа возење. Сообраќајните незгоди кои се последица на заморот, најчесто завршуваат фатално, додаваат од РСБСП.

Слични содржини