Русија го повлече амбасадорот од САД

од Vladimir Zorba

Москва го повлече својот амбасадор во САД на консултации, откако претседателот Џо Бајден го коментираше рускиот претседател Владимир Путин.

„Најважно за нас е да ги расчистиме односите меѓу Русија и САД, кои се влошија затоа што Вашингтон ги доведе во ќор-сокак. Ние сме подготвени да спречиме неповратно влошување на односите, ако Американците се свесни за тој ризик“, изјави руското Министерство за надворешни работи за повлекување на амбасадорот Анатолиј Антонов на консултации.

Потегот на Москва следеше по интервјуто кое го даде претседателот Бајден за телевизијата АБЦ, во кое тој рече дека Путин „ќе плати за своите злосторства“ и потврдно одговори на прашањето на новинарите дали смета дека рускиот претседател е „убиец“, известува „Гласот на Америка“.

Бајден, исто така, рече дека му рекол на Путин дека „нема душа“, на што рускиот претседател одговорил дека „се разбираат“ едни со други.

Вилијам Кортни, косопственик на РАНД корпорацијата, за Гласот на Америка изјави дека ретко се случува американскиот претседател да му каже на водач на една ривалска сила дека тој е „убиец“. Тој исто така вели дека понекогаш амбасадорите се повлекуваат на консултации „по упатени навреди“.

„Покрај тоа, администрацијата на Бајден објави нови санкции против Русија поради сајбер нападот, што исто така може да биде причина за потезите на Москва“.

Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки одби да објасни дали Бајден сметал дека Путин е убиец и буквално. Запрашана за повлекувањето на амбасадорот, таа рече дека администрацијата на Бајден ќе има поинаков пристап кон Русија од претходниот.

Портпаролот на Стејт департментот, Џалина Портер изјави дека Соединетите држави, додека работат на унапредување на своите интереси со Русија, исто така, ќе бараат од Русија да одговараат за злосторствата.

Администрацијата на Бајден изрази интерес за соработка со Русија за прашања од заеднички интерес, како што се нови договори за нуклеарно оружје или климатски промени.

Претседателот на САД претходно побара да се отстрани ознаката за доверливост од извештаите за разузнавање кои укажуваат на тоа дека „руските државни медиуми, тролови, портали, објавуваат навредлива содржина за Бајден, неговото семејство и Демократската партија и тие шират слична содржина на американските медиуми, вклучително и стории за Синот на Бајден, Хантер“.

Според извештајот на Кабинетот на директорот за разузнавање, Русија и Иран се обиделе да ја нарушат довербата на јавноста во изборите во САД. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков оцени дека извештајот е погрешен и неоснован.

Владата на САД најави нови санкции против Русија за употреба на хемиско оружје против неистомислениците.

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, имаше поинаков став кон Путин, често го фалеше и го одбиваше извештајот на американските разузнавачки служби дека Русија се мешала во изборите во 2016 година.

Слични содржини