Русија го забрани „Убавицата и ѕверот“ за лица под 16 години

од Vladimir Zorba
127 прегледи

Рускиот филмски регулатор забрани новиот игран филм на “Дизни” “Убавицата и ѕверот” да биде прикажуван на гледачи под 16-годишна возраст, бидејќи содржи сцена со хомосексуален карактер. Портпаролот на руското Министерство за култура вели дека филмот ќе излезе со категорија 16+. Веста беше потврдена од руската компанија за дистрибуирање на лентата WDSSPR.

Првично беше распространета информацијата дека филмот ќе може да се гледа само од деца кои наполниле шест години. Руската премиера на “Убавицата и ѕверот” е на 16 март.

Претходно режисерот Бил Кондон во едно интервју рече дека тоа ќе биде првиот филм на “Дизни”, во која некој од ликовите е геј и во кој има сцена со хомосексуален карактер. Тоа предизвика дебати во рускиот парламент, како конзервативниот руски пратеник Виталиј Милонов повика Министерството за култура да го  преиспита емитувањето на “Убавицата и ѕверот”.

Тој инсистираше за специјална проекција на филмот во пресрет на премиерата на која ќе се процени хомосексуалното присуство, и ќе се преземат мерки за да се ограничи емитувањето, ако се најдa “елементи на пропаганда”.

Милонов стана познат како еден од главните поттикнувачи на забраната на “геј пропагандата”, потпишан од претседателот Владимир Путин во 2013 година. Законот кој предизвика меѓународна осуда, забранува ширење на информации кои би ги запознале заинтересираните лица под 18-годишна возраст до “нетрадиционални сексуални односи “.