Русија ја суспендира испораката на гас преку „Северен тек 1“ на неодредено време

од Vladimir Zorba

Русија на неодредено време го прекинува протокот на гас преку гасоводот „Северен тек 1“, кој ја снабдува Европа со руски гас под Балтичкото Море.

Ова предизвика страв од недостиг на енергија во Европа како што се приближува зимата, пишуваат агенциите Ројтерс, АП и АФП.

Рускиот државен енергетски гигант „Газпром“ на 2 септември соопшти дека испораките за Германија не може да се рестартираат по тридневна пауза поради претходно најавено одржување, бидејќи е откриено ново истекување нафта.

„Газпром“ соопшти дека е откриено истекување нафта во компресорската станица Портоваја на рускиот крај на гасоводот и дека снабдувањето не може безбедно да се рестартира додека не се реши проблемот.

На 2 септември беше планирано гасоводот „Северен тек 1“ под Балтичкото Море да продолжи со работа.

Одложувањето ги поттикна стравувањата дека Русија ќе го задржи гасоводот „офлајн“ подолг период за да изврши притисок врз западните земји и да го наруши нивното единство во санкционирањето на Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Москва постојано ги отфрла обвинувањата дека користи извори на енергија како оружје.

Германската компанија „Сименс Енерџи“, која управува со турбините „Северен тек 1“, рече дека истекувањето од ваква природа не треба да го принуди гасоводот да се затвори.

„Сименс“ објави и дека компресорската станица Портоваја има и други турбини со кои „Северен тек 1“ би можел непречено да работи.

„Ваквите протекувања обично не влијаат на работата на турбината и можат да се запечатат на лице место. Тоа е рутинска процедура како дел од работите за одржување“, велат од компанијата.

Претходно истиот ден, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев ја предупреди Европската унија дека Москва може да го запре протокот на природен гас во блокот доколку воведе ограничување на цената на руските испораки, на што ја прозва шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

На 2 септември таа повика на ограничување на цената на рускиот гас во обид да ја спречи Москва да манипулира со енергетскиот пазар на Европската унија како одмазда за санкциите наметнати на Русија поради нејзината инвазија на Украина кон крајот на февруари.

Минатиот месец гасоводот беше затворен 10 дена заради одржување. „Газпром“ најави ново намалување на снабдувањето пред помалку од две недели.

Москва ја намали испораката на гас на 40 отсто од капацитетот во јуни и на 20 отсто во јули, тврдејќи дека проблемите со одржувањето, според неа, биле предизвикани од западните санкции бидејќи опремата не можела да се врати и инсталира навреме.

Прекинот и намалувањето на снабдувањето ги зголемија цените на бензинот и ги принудија европските влади да се борат за алтернативни набавки пред зимата.

Без разлика на тоа, Групата седум (Г7) по самитот во Германија најави дека ќе се движи кон воспоставување ценовни ограничувања на извозот на руските нафтени деривати, за што не е одредена временска рамка.

Слични содржини