Руските власти ги приведоа адвокатите на опозиционерот Навални

од Stefanija Kuzmanovska
332 прегледи

Руските власти денеска ги приведоа тројцата адвокати на опозиционерот Алексеј Навални по претресот на нивните домови, објавија луѓе блиски до Навални.

Сојузникот на Навални, Иван Жданов, на социјалните мрежи напиша дека тоа е „обид за целосна изолација на Навални“.

Навални е во затвор од јануари 2021 година, каде отслужува 19-годишна затворска казна, но досега можеше да испраќа пораки и да ги следи вестите.

За многу политички затвореници во Русија, редовните посети од адвокатите, особено во оддалечените региони, се единствениот начин да останат во контакт со своето семејство и поддржувачите и да пријават злоупотреба од затворските власти.

Претресот на куќите на Вадим Кобзев, Игор Сергунин и Алексеј Липсер е дел од кривичната постапка под обвинение за учество во екстремистичка група, навел Жданов.

Сите тројца потоа се приведени, очигледно како осомничени во случајот, објави тимот на Навални на Телеграм.

Според Леонид Волков, шефот на кабинетот на Навални, случајот против адвокатите е покренат во време кога лидерот на опозицијата треба да биде префрлен во друга казнена колонија, но не се знае каде.

Волков, кој живее во странство, го нарече тоа „застрашувачки чекор“.

Слични содржини