С.Македонија испраќа 100 војници во хуманитарна операција во Словенија

од Nikola Popovski

Владата на Република Северна Македонија, на денешната 177 седница донесе одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во хуманитарна операција во Република Словенија.

Согласно одлуката, се испраќаат 100 (сто) припадници на Армијата, кои ќе помогнат во санирањето на последиците од поплавите кои ја погодија Република Словенија, а согласно барањето проследено од страна на NATO EADRCC, доставено од страна на Република Словенија.

Припадниците на Армијата се испраќаат за период од 30 (триесет) дена за учество во давање помош на Република Словенија.

Република Северна Македонија, како и досега, продолжува да се става на располагање и солидарно учествува во разни хуманитарни мисии и акции во погодени подрачја од природни непогоди и катастрофи, порачуваат од Владата.

Предвидено е војниците утре изутрина да тргнат на пат за Словенија. Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска појасни дека нашите војници веќе се подготвени. Во барањата на Словенците било наведено дека се бараат 200 војници.

Претседателот Стево Пендаровски вчера во разговор со словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар изразил жалење и сочувство до Словенија и сите нејзини жители за загубите и штетите претрпени во поплавите кои беа со огромен размер и искажал подготвеност за помош.

Слични содржини