Сасоли: Одам за ја потврдам силната поддршка за започнување разговори за пристап со Албанија и Северна Македонија

од Ивана Рамаданова
334 прегледи

Претседателот на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли на 3-ти и 4-ти овој месец ќе престојува во Албанија. Пред неговата посета, тој изјавил дека доаѓа во Албанија за да даде надеж за иднината по тешките месеци што ги поминала. Исто така, ја потврдил и поддршката на ЕП за започнување преговори со Албанија и со Северна Македонија.

„Одам во Албанија за да ги охрабрам и да дадам надеж за иднината по неколкуте тешки месеци за земјата. Би сакал да ја потврдам силната поддршка на Европскиот парламент за започнување разговори за пристап со Албанија и Северна Македонија. И двете земји постигнаа голем напредок, во согласност со нашите очекувања“, рекол Сасоли.

Додал дека почетокот на преговорите може да биде силен поттик за реформите што сè уште се потребни на патот кон членството во ЕУ.

„Ние, исто така, ќе дадеме се од себе да ги убедиме земјите-членки кои сè уште имаа резерви за тоа на последниот состанок на Советот. Ја охрабрувам Албанија да се фокусира на целокупната цел и да го искористи ова време за решавање на сите проблеми што се наметнати, особено во врска со почитувањето на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата. Овие реформи се во суштина за подобро на вашата земја и идните генерации. Дури и ако патот, од време на време, е тежок, секој чекор нè приближува до заедничката европска иднина, која ќе ја збогати Албанија и ЕУ“, изјавил Сасоли.

За време на неговата посета планирани се средби со премиерот Еди Рама, претседателот на Парламентот Грамоз Ручи, шефот на државата Илир Мета, градоначалникот на Тирана Ерион Велиај и лидерот на опозициската демократска партија Љуљзим Баша.

Тој ќе има обраќање пред пратениците во албанскиот законодавен дом, како и средба со студенти.

Сасоли посетата на Албанија, која требаше да ја реализира на 2-ри и 3 декември, ја одложи поради катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата на 26 ноември, а ја најави на почетокот на ноември кога ја најави и посетата на Северна Македонија, каде престојуваше на 4 ноември.

Тој тогаш изјави дека ЕП ги поддржува народот на Албанија и на Северна Македонија, повикувајќи ги да не се предаваат, дури и по одлуката на Советот да не отворат преговори.

Слични содржини