Саутгејт: Расистичкиот скандал го зголеми проблемот со изведувањето пенали

од Vladimir Zorba

Расистичкиот скандал од финалето на Европското фудбалско првенство минатата година ги зголеми проблемите на репрезентацијата на Англија при подготовката за изведување на пенали, призна селекторот Герет Саутгејт.

Маркус Рашфорд, Џејден Санчо и Букајо Сака беа предмет на дискриминација на интернет откако промашија удари од 11 метри во натпреварот за титулата на „Вембли“ против Италија.

„Внимаваме на процесот на извршување на пенали, но проблемот за нас се продлабочи поради надворешни фактори. Исклучително е сложен и ќе се обидеме да најдеме решение“, изјави англискиот селектор пред натпреварот од Лигата на нации против Германија.

Саутгејт, со чиј промашен пенал Англија беше елиминирана во полуфиналето на Евро 1996 против „панцирите“, додаде дека нема да дозволи можните последици од неуспехот да го диктираат неговиот избор на изведувачи.

„Не би било во ред доколку не ги изберам играчите според тоа кои од нив се најдобро подготвени. Мојата работа е да ги одредам изведувачите кои сигурен сум дека ќе ја внесат топката во мрежата“, продолжи англискиот селектор.

Освен со Германија, Англија има натпревари и со Италија и Унгарија.

Слични содржини