СДСМ ги почитува жените и ја препознава нивната способност и моќ, порача Ковачевски

од Nikola Popovski

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денес учествуваше и се обрати на традиционалниот Осмомартовски Марш по повод Интернационалниот ден на жената, во организација на Форумот на жени на СДСМ.

Во обраќањето, Ковачевски посочи дека СДСМ е пример за тоа како треба да изгледа вистинска рамноправна застапеност и вистинска родова еднаквост и дека партијата секојдневно работи на повеќе можности за учество на жените во сите сфери на општествениот и политичкиот живот.

„Тука денес со нас имаме силни и храбри жени, работнички, наставнички и професорки, новинарки, докторки, земјоделки, уметници, инженерки, жени кои активно и секојдневно се вклучуваат во општествениот живот и придонесуваат оваа наша земја да биде подобро место за живеење. Сите тие на еден или друг начин се дел од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, партија која ги почитува жените и ја препознава нивната способност, сила и моќ. Токму затоа отсекогаш биле и се на високи позиции и во Владата и во партијата. Сите тие се олицетворение на посветена работа, пожртвуваност, храброст, и верба во подобро денес и подобро утре за граѓаните. Олицетворение на најдоброто што СДСМ може да го понуди“, рече Ковачевски во обраќањето.

Тој додаде дека тука спаѓаат сите министерки во Владата предводена од СДСМ.

„За нив, а и за сите вас кои секојдневно и ним, а и на сите нас ни дававте поддршка, имам само бескрајна благодарност. Тоа специфично женско лидерство од кое ние како општество можеме само да имаме придобивки, треба сите да го негуваме, да го развиваме, и да го унапредуваме. Тоа ни е потребно на сите, тоа и е потребно на Македонија. Во мојот мандат како премиер, сите министри кои ги предложив беа 50% жени, сите заменици министри кои ги предложив беа жени, сите државни секретари кои ги предложив беа жени и сите членови на мојот кабинет освен еден, беа жени“, посочи Ковачевски.

Тој додаде дека тоа е рекорд кој никој не може да го сруши, само може да го израмни и затоа денес 50% од Владата се жени и тоа сите предложени од СДСМ.

„Во нашата владина коалиција има политички парти кој на хартија зборуват за женските права, меѓутоа на дело тоа не го докажаа. Сите предложени министерки, заменик министер се од СДСМ. Меѓутоа ние ќе продолжиме да работиме посветено и заедно на остварување на уште поголемо учество, бидејќи ова е наша кауза. Затоа што ова наше општество ќе биде многу подобро место за живеење ако сите вие тука, нашите другарки од СДСМ, активно и секојдневно се вклучувате во општествениот живот и придонесувате кон остварувањето и на програмските, но и на стратешките цели на државата. И тоа е можно, затоа што со напорна работа нема недостижна цел. Успесите кои се постигнати досега се резултат токму на напорна работа. И тоа е факт“, заклучи Ковачевски.

Слични содржини