СДСМ: Граѓаните да не подлегнуваат на манипулациите и повиците за бојкот на пописот

од Nikola Popovski

„Пописот во април ќе се спроведува со целосно почитување на здравствените протоколи и мерки за заштита од коронавирусот. Здравјето на сите, како на граѓаните, така и на попишувачите ќе биде целосно заштитено, процесот на попишување ќе биде целосно безбеден од здравствен аспект. Со оваа најмасовна и најсложена статистичка операција, ќе се добијат целосни, релевантни и сеопфатни податоци за структурата на населението, на домаќинствата и становите, кои се од особена важност за државата, институциите, општините, но и за бизнис секторот и граѓанските организации“, стои во писменото соопштение од СДСМ.

Тие ги повикуваат граѓаните да не подлегнуваат на манипулациите и повиците за бојкот на оваа важна статистичка операција.

„Бојкотот на пописот е кривично дело, постапка која не носи ништо добро за никого, чин што предизвикува штета на државните и национални интереси. Преку учество во процесот на попишување секој поединец дава свој придонес во развојот на својата татковина, на своето населено место“, велат од партијата.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски ги отфрли сите информации дека пописот ќе биде откажан. Тој вчера на прес-конференцијата ги повика сите граѓани да не бидат изманипулирани од субјектите кои повикуваат на бојкот и ги повика граѓаните, особено Македонците, да се попишат, бидејќи само во нивната земја можат да се нарекуваат Македонци.

Премиерот Зоран Заев најави дека во понеделник пописот е една од темите поради којашто ќе седне на иста маса со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Слични содржини