СДСМ: Повлекувањето на амандманите на Законот за државјанство потврдува дека постоел договор помеѓу АА и ВМРО- ДПМНЕ

од Nikola Popovski
391 прегледи

„Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ мора да биде притиснато и гласно да му се реагира. И резултатот е на повидок. Откако ќе ги повлечат аманмданите, ќе се свика Комисијата за финансирање и буџет за законите поврзани со економските мерки. Добро е што притисокот од јавноста, кончено вроди со плод и што конечно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија повлекување на амандманите поднесени за Законот за државјанство, а коалицијата Алтернатива и Алијанса најави повлекување на амандманите на законите за економските мерки“, реагираат од СДСМ на денешните политички случувања.

Според нив, повлекувањето на амандманите на Законот за државјанство ги потврдува информациите дека постоел договор помеѓу АА и ВМРО- ДПМНЕ затоа што крајно симптоматично како сега ВМРО-ДПМНЕ одеднаш на ист текст на Законот немаат забелешки.

„Доколку навистина имаат намера да ги повлечат амандманите, нека го сторат тоа, а потоа да се свика Комисијата за финансирање која ја претседаваат пратеници на ВМРО ДПМНЕ,  законските решенија да поминат на Комисија и потоа да се закаже и пленарна седница.

Согласно деловникот закажување на седница и менаџирање на истата е во делокруг на работа на претседателот на собранието Талат Џафери.

Ова однесување на ВМРО-ДПМНЕ е уште еден доказ за нивната неодговорност и несериозност пред граѓаните.  Ако тие навистина беа подготвени за поддршка на граѓаните и компаниите немаше да ја напуштат седницата кога се носеше Буџетот за 2021 година“, велат од владеачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ во Собранието повлече над 500 амандмани што ги поднесе за Законот за државјанство, кој го предлага опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива, која моментно е во преговори со Владата за поинакво решение за статусот на лицата што не можат да се стекнат со македонско државјанство.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ги повика Алијанса за Албанците и Алтернатива сега да ги повлечат амандманите на петтиот пакет економски мерки. Според него, на политиканствата на СДСМ, на сметка на граѓаните и на стопанството, им нема крај, така што смета дека и носењето на нов закон за државјанство ќе потрае.

Слични содржини