СДСМ: Со судска пресуда потврдено дека ВМРО-ДПМНЕ лажеле за имотот на Дарко Каевски (ФОТО)

од Nikola Popovski

СДСМ денеска информира дека „ВМРО-ДПМНЕ е извор на лажни вести“ откако со судска пресуда е потврдено дека лажеле за имотот на портпаролот на партијата и пратеник, Дарко Каевски.

Основниот граѓански суд во Скопје утврдил граѓанска одговорност од портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.

-Во судска постапка е утврдено дека Митева ширела невистини за имотот на пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски и со тоа го повредила неговиот углед и неговата чест. Ниту Каевски имал милиони како што лажно тврделе ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак имало нешто спорно во пријавеното, посочуваат од СДСМ.

Според нив, „оваа судска пресуда е уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ е најголем извор на лажни вести“.

-Од Христијан Мицкоски преку пратениците па се до портпаролите, сите во ВМРО-ДПМНЕ знаат да лажат и да шират невистини, стои во партиското соопштение.

Митева минатата година обвини дека Каевски го зголемил својот недвижен имот за скоро 170 метри квадратни станбена површина.

Таа посочи дека Каевски во анкетниот лист, навел дека новостекнатиот недвижен имот е стекнат по пат на наследство, исто како и претходните недвижнини.

-Дали ова е начин да се сoкрие вредноста на стекнатиот имот поради што би се отвориле прашања како и на кој начин е стекнат имотот? Како со државна плата се обезбедува волкав имот и колку време му е потребно на работник со просечна плата да го обезбеди ова ниво на стекнат имот? Се поставува прашањето на кој начин ги стекнавте средствата за купување на овие недвижнини и дали при тоа купување имаат улога финансии стекнати преку вршење на услуги кон државата? Јавноста очекува одговори. Дали е ова начин на кои се добива наградата на сметка на државата? Дали СДСМ од носителите на јавни функции создава млади политичари со големи сметки?, праша тогаш Митева.

 

Слични содржини