Се интензивираат кампањата и подготовките за референдумот на 30 септември

од desk4

   Државната изборна комисија (ДИК) ги продолжува подготовките за претстојниот референдум на 30 септември, а јавната пропаганда се интензивира и на терен меѓу граѓаните, но и на социјалните мрежи. 

На терен меѓу граѓаните се и пратениците од владејачката коалиција која е „за“ референдумското прашање и опозициските партии на Албанците кои го поддржуваат референдумот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи протестен марш, а собир имаат поддржувачите на ставот за бојкот на референдумот. Поддршка за референдумот секојдневно стасува и од европските лидери.

Коалицијата „Излези ЗА европска Македонија“ ќе има граѓански собир во Струмица на кој ќе се обрати премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и трибини во Велес и во Гевгелија.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе има протетстен марш во Охрид.

Активности во Скопје попладнето имаат и застапниците на ставот за бојкот на референдумот.

Ноќеска на полноќ заврши рокот за пријавување на болните и изнемоштените лица за гласање до општинските изборни комисии. Колку се пријавени и на колкумина им се прифатени барањата се очекува ДИК да информира до утре.

Од понеделник, пак, продолжуваат обуките на избирачките одбори, кои на денот на референдумот ќе бројат шестмина членови. Процесот ќе биде мониториран од акредитирани набљудувачи, за што рокот завршува на 24 септември.

Кампањата завршува во четврток на 27 септември на полноќ, а дотогаш исто така овластениот предлагач во случајов Собранието на Република Македонија има право да определи претставник и негов заменик кои ќе ја следат работата на изборните органи од распишување на референдумот до утврдување и објавување на конечните резултати.

За референдумот печатницата „Киро Дандаро“ треба да испечати 1.806.336 гласачки ливчиња, односно онолку колку што има запишано гласачи во заклучениот Избирачки список. Според роковникот, ДИК изборниот материјал го предава на ОИК најдоцна во рок од 72 часа пред енот определен за одржување на референдумот односно до 26 септември. ОИК, пак, е должна еден ден пред денот на одржување на референдумот да го предаде изборниот материјал на избирачкиот одбор. Референдумот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата и во Градот Скопје.

Болните, изнемоштемите, лицата во домашен притвор, затворениците и државјаните на Република Македонија во странство гласаат еден ден пред референдумот, односно на 29 септември.

Гласањето на 30 септември почнува во 7 часот наутро и завршува во 19 часот.

Референдумското прашање гласи: Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, а гласачите што ќе излезат на референдумот со заокружување со сино хемиско пенкало треба да се изјаснат дали се „за“ или „против“.

ДИК првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК, во рок од 24 часа по приемот на записниците и целокупниот гласачки материјал од сите ОИК. Резултатот од гласањето, ДИК го објавува во „Службен весник“ во рок од 15 дена од денот на одржување на референдумот.

Референдумот, кој е консултативен, ќе се смета за успешен доколку на него излезат повеќе од половината од запишаните гласачи во Избирачкиот список плус еден.

Слични содржини