Се зголемува бројот на жени интелектуалки кои консумираат алкохол

од Vladimir Zorba
289 прегледи

  Алкохолот најчесто е составен дел од работни ручеци, вечери, семејни собири по разни поводи (раѓање, роденден, прослава, погреб…), нуди опуштање и добро расположение, но станува проблем кога со негова редовна консумација од три до пет години се развива зависност. Според докторите, алкохолизмот не е болест исклучиво на поединецот, туку е и социјална болест на семејството и на општеството.

– Се смета дека во Македонија има 60.000 до 80.000 зависници од алкохол. За жал се лекуваат само еден отсто. Во последните години, зависнички од алкохол се најчесто жените интелектуалки, кои се со високо ниво на образование, се на високи позиции во претпријатијата, и со ценет статус во општеството. Одат на состаноци, ручеци, вечери…, а стресот кој го носи со себе модерното живеење прави да развијат алкохолна состојба, вели невропсихијатарот Павлина Васкова, раководител на одделението за третман на зависници од алкохол во ЈЗУ Психијатриска болница во Бардовци и член на Здружение на клубови на лекувани алколохоличари на Република Македонија.

Таа информира дека за првичното посегнување и за развојот на алкохолизмот кај жените доминантна улога има структурата на личноста на жената со сите нејзини психички карактеристики, а потоа средината и низа други фактори.

Во минатиот период, меѓу зависничките од алкохол најбројни биле домаќинките, невработените жени и оние со ниско ниво на образование, посочува Васкова и додава дека денес ситуацијата е променета. Таа вели дека се претпоставува оти унапредувањата на работното место и професионалниот успех со себе носат голем притисок и стрес, па неможејќи да ја поднесат таа пресија жените интелектуалки почнуваат со пиење на алкохол, а има и ситуации на враќање назад, на претходното пониско работно место. Според неа, како најчеста причина за појава на зависност од алкохол се јавува депресивното расположение и чувството на ниска вредност кај лицата од женски пол со појавен алкохолизам.

– Според местото на живеење, најголем дел од на испитаничките се од градска средина. Современите истражувања покажуваат дека алкохолизмот е многу честа појава кај жените во речиси сите професии и со секаков социјален статус, при што пиењето од страна на жените е од типот на „соло пиење“, што значи дека жените, воопшто, настојуваат да го скријат пиењето, често од своите најблиски од семејството и околината. Податоците покажуваат дека повеќето жени почнуваат со зголемено пиење алкохолни пијалаци на возраст од 31-40 години, по што следи возрасната група од 21-30 години. Се наметнува заклучок дека ова е период кога најголем дел од жените основаат семејство, раѓаат и одгледуваат деца, решавајќи ги и другите животно-егзистенцијални прашања, истакнува д-р Васкова.

Потенцира дека на жените и како вработени и во семејството во исто време им се случуваат нови улоги со нови задоволства и признанија од една страна, како и многу обврски и оптеретувања од друга страна, кои значително влијаат на начинот на нивниот живот. Анализајќи го времетраењето на пиење алкохолни пијалаци кај жените, вели таа, се доаѓа до податоци дека повеќето анкетирани пациентки имаат од 10 до 20 години алкохоличарски стаж. Посочува дека генерално земено, женскиот пол е почувствителен на алкохол и со поголеми штети од физички и ментален аспект, за разлика од мажите и со многу покомплицирани последици.

Меѓу многуте причини за алкохолизмот кај жените, најчестите се алкохолизам во семејството, конфликти во семејството, развод, осаменост, болест… Во најголемиот број случаи, алкохолизамот кај жените е симптоматски, што значи дека тој е само знак на некои други нарушувања и проблеми, најчесто депресивен синдром. Алкохолизмот на подолг временски рок предизвикува голем број на сериозни здравствени проблеми, како што се цироза на црниот дроб, труење со алкохол, срцеви заболувања, болести на бубрезите и цела низа на психички нарушувања, од кои најчеста е психозата, наведува д-р Васкова.

Според неа, за да стане некој зависник тоа значи дека алкохолот се вградил во работата на неговите клетки, а тоа значи ако на секоја клетка во организмот ако нормално и треба белковини, масти, шеќери, вода, кај зависникот и е потребен и алкохол.

– На црниот дроб на еден здрав маж му се потребни шест часа да разложи една чашка ракија. За жал и младите многу пијат и се опиваат. Граница нема до кога се пие во социјално прифатливи рамки, од кога се станува зависник. Тоа толку постепено оди и станува зависност. Во принцип една третина од алкохолизираните доаѓаат и се лекуваат во болницата во Бардовци. Ги вклучуваме и нивните семејства и тие по првото лекување се опоравуваат, редовно доаѓаат во Клубот, ги слушаат нашите совети. Една третина не се враќаат, практично си апстинираат и до крај на животот нема проблеми. Втората третина се пациенти кои не пијат година, две, три, пет или 20 години, па нешто ќе им се случи во животот, малку ќе се напијат и се враќаат повторно. Третата третина се skid row алкохоличари кои се најчесто во болницатa, истакнува д-р Васкова.

Меѓу компликациите кај алкохоличарите се и алкохолни епилептични напади, делириум тременс кога се јавуваат халуцинации и алкохоличарите гледаат мачки, змии…, алкохолна параноја (патолошка љубомора најчесто кон сопругите), која е многу е тешка состојба за третирање, но може да се помогне со воспоставување апстиненција и со психотерапија.

Здружението на клубови на лекувани алколохоличари е сместено во просториите на Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје и работи од понеделник до четврток од 13 до 18 часот. Телефонската линија на Здружението е 023 165 542 и доаѓаат пациенти од цела Македонија. Освен во Скопје активни клубови има во Битола, Неготино, Прилеп, додека во другите градови згаснале.

Кај нас е вообичаено да се пие и кога ќе се роди некој, кога ќе умре некој… и нема каде не се пие. Во седмо, осмо одделение почнуваат да пијат и момчињата и девојчињата. Околу 80 отсто од сите извршеното семејно насилство е поради зависност од алкохол, а околу сообраќајните незгоди, 78 отсто се случуваат под дејство на алкохол. Основното е алкохоличарот да ја прифати сопствената состојба. На превентивен план многу треба да се вклучат медиумите. Во Полска на пример, каде еднаш неделно на телевизиските програми стручно лице говори за зависноста од алкохол. Треба да се почне со превенција уште од градинка со наједноставен начин за да се покаже колку е штетно дејството на алкохолот, смета д-р Васкова.

Според резултатите од истражувањето „Употреба на психоактивни супстанции меѓу општата популација во Република Македонија“, кои минатата година ги презентираа од Институтот за јавно здравје на Република Македонија, 65 отсто од граѓаните на возраст од 15 до 64 години консумираат алкохол, а на возраст од 15 до 34 години тој процент изнесува 76 отсто. Алкохолот се консумира два до четири пати месечно од 30,3 отсто од сите возрасни лица, а два до три пати неделно консумираат алкохол 16,1 отсто од сите возрасни. Меѓу младите возрасни, 46 отсто пријавиле дека консумираат алкохол еднаш месечно, покажуваат резултатите од истражувањето.

Психологот и гешталт терапевт Емилија Бошковска, пак, вели дека стресно живееме се повеќе и повеќе, има повеќе мотиви, причинители кои ги тераат жените да се напијат.

– Еве, да кажеме дека не станува збор и за интелектуалки. Мајките со деца дома, од трчање по децата, од обврски кон куќата, од умор на крајот велат ќе се напијам една чашка вино за да се релаксирам. Поради честото такво консумирање и повеќе од чешка алкохол секојдневно веќе може да настанат проблеми и во функционирањето на таа жена – мајка. Кажувам мајка како една општествена улога што ја има секоја жена. Во делот на интелектуалки не се разликуваат со мажите, значи тука зборуваме за когнитивниот аспект, едноставно се поистоветуваме со мажите на некој начин, истакнува Бошковска.

Според неа, импулсивноста, ниската самодоверба, потребата да се биде признаен и да се добие одобрување од околината исто така, може да водат кон зголемена консумација на алкохол. Некои жени, посочува Бошковска, пијат едноставно поради неможноста или немањето на одбранбени механизми за да се справат со сопствените емоции и може и да не станува збор воопшто дури ни за психолошки фактори.

За да се пие алкохол причина може да бидат и социјалните фактори. На пример, друштвото пие и едноставно ќе бидете „црна овца“ ако вие не го правите истото што и тоа. И тоа ако станува секојдневно може да се дојде до злоупотреба. Ако појдеме од тоа дека самиот алкохол ја има таа способност да ја намали амбициозноста, чувствувањето на какви било негативни емоции, да речеме вознемиреност, депресија, очекуваме дека алкохолот ќе ни помогне да се неутрализираат тие емоции. Едноставно немањето капацитет за самостојно справување со своите сили, доведува до посегнување по алкохол, вели Бошковска.

Според неа, сето тоа во комбинација со одбранбен механизам или механизам на справување со стресни ситуации, како што е опијанувањето, наместо да се соочиме со животните проблеми, доведува до почесто и почесто консумирање алкохол и во некои ситуации евентуално бегство кон алкохолизам.

И покрај тоа што по консумирањето алкохол се чувствува релаксација, расположеност или евентуално попоспаност, што зависи се повеќе од личноста, но и од алкохолот, да не се заборави дека долготрајното користење на алкохолот го менува начинот на кој мозокот реагира на алкохолот, па потребата според тоа да се пие може толку силна да стане да биде како глад за храна и тогаш доаѓаме и до зависност, потенцира Бошковска и додава дека по воведот од една чашка алкохол кој причинува некакво поголемо задоволство со преминување на почетен благопријатен момент, после тоа станува многу посериозна состојбата и долготрајното користење може да донесе до сериозно нарушување на организмот.

Д-р Бошковска, како и д-р Васкова посочува дека и да станува збор за интелектуал-ки/ци, па и за кој било треба да се води сметка да бидат информирани и преку медиумите за тоа кои се последиците од редовното пиење алкохол. Таа потсетува дека алкохолот покрива многу посериозни состојби на психата, потоа вознемиреност, симптоми на депресија, значи сериозни проблеми кои можеме да ги имаме во нас, а ние пробуваме да ги покриеме.

– Со пробувањето на покривање на тие проблеми со алкохол ние не го решаваме проблемот, тој останува. Единствено справување со тоа е преку разговор со стручно лице кое што би можело да му помогне во навистина решавање на проблемот, а не само во покривање на симптоматологија. Значи, психотерапијата е најадекватен начин на решавање на овој дел. Ако станува збор за ниска самодоверба, анксиозност, депресија психотерапијата исто така ќе биде ефективна. Па дури и во ситуации каде што можеби станува збор и за генетски фактор, сепак има неразрешени ситуации од семејството кои би требало да бидат разработени во психотерапевтската работа, додава Бошковска.

Рената Пепељугоска    MIA