Шарл Мишел: Мора да се префрлиме на воена економија

Не можеме веќе да сметаме на другите ниту да ѝ бидеме препуштени на милоста на изборните циклуси во САД или каде било на друго место, заклучи Мишел.

од Бети Божиноска

Европската унија мора драстично да ја зголеми стапката на производство во одбранбената индустрија за да ѝ помогне на Украина во конфликтот против Русија, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.  Повикот на европскиот функционер дојде откако Киев предупреди дека украинската армија се соочува со недостиг од муниција.

Во написот објавен од „Libre Belgique“ и „Еурактив“, Мишел наведува дека „Москва е сериозна воена закана за европскиот континент и светската безбедност“.

„Ако ЕУ не одговори на вистинскиот начин и не испратиме доволно помош во Украина за да ја запреме Русија, ние сме следните“, додава тој.

Претседателот на Европскиот совет смета дека „ Европа со децении не инвестирала доволно во безбедноста и во одбраната и дека сега мора итно да направи радикален и неповратен пресврт во размислувањето за стратешката безбедност“.

„Затоа, мораме да бидеме подготвени да се браниме и да се префрлиме на режим на ’воена економија’. Време е да преземеме одговорност за сопствената безбедност. Не можеме веќе да сметаме на другите ниту да ѝ бидеме препуштени на милоста на изборните циклуси во САД или каде било на друго место“, заклучи Мишел.

Според него, стапката на производство во одбранбената индустрија во ЕУ е зголемена за 50 отсто од почетокот на конфликтот во Украина на 24 февруари 2022 година, а се проценува дека до крајот на следната година, „производството на муниција ќе се удвои, достигнувајќи ниво од два милиони артилериски гранати годишно. “

За потсетување, ЕУ долго време се мачи со набавката и испораката на оружје и муниција за режимот во Киев, а многу украински и меѓународни експерти, политичари, како и војници на бојното поле укажуваат на недостиг од муниција како главна причина за територијалните загуби и за напредувањето на руската армија на фронтот.

Слични содржини